Никола Митревски зa CRNOBELO: „Сакав да играм фудбал, но другарите отидоа на ракомет, а јас станав голман“
- Детали
- четврток, 06 март 2025
„Приватно, не сакам премногу да се експонирам, не сакам многу гужва. Но, сакам да испијам кафе или да одам на ручек, вечера со пријателите и да поминувам време со сопругата и децата“ - вели нашиот голман Никола Митревски за CRNOBELO.com.
Голманот на ракометната репрезентација, Никола Митревски (39), по неколку години поминати надвор од земјава, се врати во родната Битола и во моментов брани за РК „Пелистер“.
По одличните одбрани на неодамнешното Светско првенство, Никола доби неколку интересни епитети, меѓу кои и „октопод на голот“ и „министер за одбрана“.
Во разговор за CRNOBELO.com, тој вели дека сите овие пофалби му годат, но дека се и мотив повеќе за да биде уште подобар во следниот натпревар.
За неодамнешното првенство, како застанал „меѓу стативите“, има ли хоби надвор од ракометот, Никола ни раскажа во интервјуто:
Веќе неколку години си прв голман на ракометната репрезентација и човек кого публиката го обожава. Надвор од она што те гледаме на натпреварите, каков си приватно?
Приватно не сакам премногу да се експонирам, не сакам многу гужва.
Во текот на сезоната повеќе сакам мир и тишина за да можам да ја зачувам концентрацијата за на тренинзите или за натпреварите, но сакам да испијам кафе или да одам на ручек, вечера со пријателите.
Исто така сакам да поминам време со сопругата и децата.
По СП2025, многумина ти го дадоа епитетот „министер за одбрана", но и „октопод на голот". Колку ваквите комплименти те тераат да бидеш уште подобар во тоа што го работиш?
Секогаш се трудам да го дадам мојот максимум, се обидувам да сум подобар отколку на претходниот натпревар, без разлика дали луѓето препишуваат некој епитет или не.
Но убаво е кога се добива некој епитет и секако дека мотивира повеќе, да сум уште подобар за да се оправда тој епитет.
Колку си задоволен од СП2025 и освоеното 15-то место на репрезентацијата?
Споредбено со претходното Светско првенство, на ова направивме голем напредок, одигравме многу поквалитетно и имавме поголем успех.
Се надевам дека ќе продолжиме во оваа насока и дека веќе на следното првенство ќе направиме уште поголем успех бидејќи оваа репрезентација има голем потенцијал за тоа.
Чувствуваш ли трема пред некој противник? Или „страв" кога на 7 метри пред тебе ќе се најде некој од најголемите светски ракометари?
Не би рекол трема, повеќе е како исчекување од тоа дали ќе го одбранам пеналот или не, позитивно чувство, натпреварувачко возбудување.
Која одбрана ќе ја паметиш засекогаш и зошто?
Во текот на кариерата сум имал повеќе битни одбрани, за победа на натпревар или за освојување на некој трофеј.
Но, најмногу ќе ја паметам одбраната на еден „цепелин“ додека настапував за Porto, на натпреварот против Pick Szeged, и тоа само заради што беше многу споделувана на Инстаграм, а јас сè уште добивам нотификации дека ја споделуваат таа одбрана.
Повеќето деца сакаат да се фудбалери, ракометари, кошаркари многу малку се оние кои сакаат да се голмани. Дали кај тебе оваа желба постоеше отсекогаш или некој те „стави" на голот, па сфати дека си добар меѓу стативите?
Не сакав ниту јас да бидам на голот, сакав само да играм фудбал.
Но, кога другарите од детството почнаа да тренираат ракомет бев „приморан“ да избирам измеѓу тоа да не учествувам во спортските активности или да играм ракомет со нив.
Па така застанав на голот и останав таму до ден денес.
А за тоа беше најзаслужен наставникот по физичко воспитување кој беше и фудбалски тренер во сениорската екипа на „Пелистер“.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





