Сања oд Скопје е програмер, мајка на 2-годишен син и страсна танчарка, која снима забавни танцувачки видеа
- Детали
- вторник, 28 јануари 2025
„После пораѓајот, кога станав мајка се мачев подолг период да ги балансирам сите работи, но сфатив дека не можам. На крајот на 2023 година се откажав од сè поврзано со танц. После само шест месеци почувствував колку ми недостига танцот...“, вели Сања Матеева Мишева (28) од Скопје.
Сања Матеева Мишева (28) од Скопје вели дека најголемата пасија во животот ѝ е танцот.
Таа е танчар, кореограф и инструктор по регетон, салса, бачата и кизомба.
Воедно е мајка и сопруга, има двегодишен син и работи како ДевОпс Инженер.
Сања за CRNOBELO.com споделува:
„Танцувам уште од кога знам за себе, од 6 до 9 години одев на часови по стандардни латино танци.
Од 12 до 14 години одев на часови по хип-хоп. На 15 години почнав да посетувам Зумба часови.
Танците што моментално ги танцувам – салса, бачата, регетон и кизомба почнав да ги учам на 16 години.
Во 2017 година станав инструкторка во Танцов Клуб Сонриса, каде што држев часови по салса, бачата, кизомба и регетон.
Како омилен танц би го издвоила регетонот, кој е соло танц, се изучува кореографија на песни од регетон жанрот од артисти како Daddy Yankee, J Balvin, Maluma…
Водев многу големи и успешни групи со кои во 2018 и 2019 снимавме многу видеа, одевме на натпревари, освоивме многу награди, имавме настапи со различни балкански ѕвезди.
Во периодот на короната и додека бев бремена се посветив на менаџирање на Танцов Клуб Сонриса, држев помали групи Регетон, Зумба и Зумба Степ.
После пораѓајот, кога станав мајка се мачев подолг период да ги балансирам сите работи, но сфатив дека не можам.
На крајот на 2023 година се откажав од сè поврзано со танц. После само шест месеци почувствував колку ми недостига танцот и почнав да размислувам под кои услови можам да се вратам.
Почнав да издвојувам време да танцувам сама со себе, да учам нови чекори, да смислувам нови кореографии и да уживам во танцот повторно. Како уживав, така решив да почнам да снимам видеа и да држам регетон работилници еднаш месечно во Танцов Клуб Сонриса.