Инспиративна жена: Сузана од Скопје е успешна деловна дама која ужива во патувања и дружби со синот
Има ли парче облека во вашиот плакар што го поседувате со години, а не сакате да го фрлите иако одамна не ви е точно или е демоде?
Не, не поседувам такви парчиња. Јас сум многу практична во тој поглед, сè што не носам, што не ми е точно или што веќе не ми се допаѓа го давам таму каде што ќе е попотребно.
Имам само еден розов мантил, купен во 2001 година, кој е сè уште во супер состојба и сè уште ми е прв избор.
Не постои поизносено парче во мојата гардероба.
Во принцип не се врзувам за облеката на тој начин, колку само да ми се брои дека имам многу, а немам што да облечам.
Кои ви се омилени модни додатоци?
Накит во невообичаена форма, несекојдневни изработки; хулахопки со дезен; и секогаш цветови, во сите бои и форми кои можам да ги комбинирам на капут, палто, па дури и на тексас јакна само за да биде несекојдневен изгледот.
И да, секогаш сакам да комбинирам бои, различни и впечатливи.
Без кое парче облека или аксесоар не тргнувате на пат? Што мора да има секогаш во вашиот куфер?
Задолжително мора да има спортски обувки - доколку ги немам на мене мора да се во куферот; минимум два пара очила за сонце; неколку различни марами или шалови; четка за фенирање и обувки за во соба задолжително, никогаш не сакам да газам боса (ова е влијание на Стрелецот и Девицата во мене).
Ако сега ја отворите чантата, што ќе најдете внатре? Кои се најчудните работи што секогаш ги носите со себе?
Најчесто наоѓам по неколку различни очила за сонце, никогаш не успевам да си објаснам како, но таму се и крем за раце, балсам за усни, кармин и маскара.
Инаку сè е во совршен ред и нема чудни работи, сè си има свое место и нема изненадувања, многу лесно се снаоѓам.
Како ја одржувате фигурата? Дали вежбате и колку често?
Веќе четврта година фигурата ја одржувам благодарение на нутриционистката Клаудиа Адеми.
Со нејзината програма успеав да изгубам 25 килограми за само три месеци и оттогаш се придржувам до тој начин на исхрана.
Се чувствувам многу поубаво, сè се приготвува многу брзо, а основата е здрава и нискокалорична храна.
Не вежбам, но многу пешачам, исто според нејзината програма и се обидувам секој ден да направам кардио (барем 6km брзо одење за 45-50 минути), но некогаш и многу повеќе.
Кога е убаво времето секогаш одбирам да пешачам и до работното место.
Дали сте гурман и колку тоа ви „одмага“ во одржувањето на ставата? Без кое јадење не можете, дури и да ви го забранат?
Во суштина да си гурман значи дека му даваш приоритет на квалитетот на храната пред квантитетот.
Но, есапот дома и на пазар не е ист, особено кај нас на Балканот.
Гурман сум, многу готвам, сакам да експериментирам со храната и нормално е дека е тешко да се одолее, но со дисциплина сè се постигнува, за тоа можам да потпишам.
Би можела без сè, само не без сирење, какво било - тоа би ми била најголемата казна.