Инспиративна жена: Сузана од Скопје е успешна деловна дама која ужива во патувања и дружби со синот
- Детали
- четврток, 16 јануари 2025
„Иако убавината може да понуди предности, потпирањето само на изгледот е ретко одржливо на долг рок, бидејќи успехот често бара вештина, издржливост, флексибилност и автентичност“, вели Сузана од Скопје, која веќе една деценија има свој бизнис и ужива во успехот и стабилноста што ѝ ги носи тој.
Сузана Трпковска (54) од Скопје e успешна деловна жена, која веќе 10 години има свој бизнис.
Оваа самоуверена жена е и мајка на 27-годишниот Никола, за кого вели дека ѝ е и најдобриот другар, но и некој што ѝ предизвикува најмногу стрес во животот.
Oбожава да патува и секој слободен момент го користи за да посети нова дестинација и да ги впие убавините што ги нуди светот.
За себе вели дека „не ѝ робува на облеката“, но дека не сака да се откаже од еден стар розов мантил, кој го има преку 20 години, а кој и денес ѝ е прв избор.
За својата кариера и работите кои ја водат во бизнис светот, како е да се биде мајка на исто така успешен син, за тоа колкав гурман е, но и без што никогаш не трга на патување, Сузана ни раскажа низ разговорот за CRNOBELO.com:
Колку е тешко да се биде успешна и инспиративна деловна жена кај нас?
Јас лично успехот го мерам преку три параметри: задоволството на клиентите; моето уживање во креативниот процес на создавање и чувството на исполнетост од постигнатиот резултат.
Напорот да се стане успешна и инспиративна деловна жена, каде било во светот, а не само кај нас, зависи од комбинацијата на лични фактори, општествени норми како и специфични предизвици во деловното опкружување.
Мојата работа е креативна, маркетинг, комуникации и видеопродукција.
Имам сопствен бизнис веќе 10 години, годинава е тој јубилеј, а паралелно работам и на други проекти.
И за цело ова време научив дека најважно од сè е да верувате во вашата визија и да останете истрајни дури и кога ќе се соочите со пречки или неуспех, што е неминовно во време на променливи економски предизвици.
Кои се вашите тајни на убавината?
Во насмевката, позитивниот став и во среќата, дефинитивно.
Според мене, убавината не е секогаш само онаа која е видлива, многупати убавината ја носиме во себе, во енергијата која ја споделуваме со околината, во она кое зрачи од нас.
Инаку имам највообичаени ритуали за нега, а користам козметика која ја препознав како најсоодветна за мојот тип на кожа.
Од декоративна козметика користам многу малку, само маскара, руменило и кармин, и тоа е доволно.
Дали, според вас, убавината го олеснува или отежнува патот кон успехот, но и во животот на една жена? Зошто да или не?
Дали убавината го прави животот полесен или потежок зависи од околностите во кои живееме, индустријата во која работиме и како тие се движат во општествените очекувања.
Иако убавината може да понуди предности, потпирањето само на изгледот е ретко одржливо на долг рок, бидејќи успехот често бара вештина, издржливост, флексибилност и автентичност.
Секој има свој индивидуален и уникатен стил кој го разликува од останатите, па затоа нема простор за генерализирање на оваа тема.
Вие сте жена со изграден (и специфичен) стил на облекување... Колку време ви треба наутро да се подготвите за да бидете задоволна кога ќе се погледнете во огледало пред излегување од дома?
Благодарам многу. Практикувам комбинација на модерен и лежерен стил, сакам автентичност која ја креирам со комбинација на различни стилови, на пример, долго здолниште од тул со спортски обувки во боја.
За излегување носам високи потпетици, приспособени кон гардеробата.
Искрено, не ми треба многу време за да се подготвам, најчесто што ќе облечам одлучувам моментално, секако во зависност од временските услови, дали имам некој важен состанок или не.
Но, секогаш сè мора да биде надополнето со некој интересен детаљ од накит или некаков друг моден додаток кој ќе му даде додадена вредност на мојот изглед.