Марија Колев: „По породувањето дознав дека ќерка ми има Даунов синдром - испитувањата во бременоста не покажаа аномалии“
- Детали
- недела, 12 јануари 2025
„Со Уна не се однесуваме со сожалување дека има Даунов синдром. Оставаме сама да се осамостојува, да падне и да стане и пак да продолжи - и тоа вроди со плод. Таа јаде сама од 1 година, сама се облекува, дури и сама се бања“, вели Марија Колев, која дури откако се породила дознала за состојбата на нејзината ќерка.
Марија Колев (36), по занимање е дипломиран менаџер за осигурување, но таа е и мајка на две прекрасни девојчиња, од кои поголемото, Уна е родена со Даунов синдром.
Марија гордо споделува фотографии од своите две ќерки на социјалните мрежи, а отворено зборува за инклузијата, односно вклученоста и рамноправноста на дечињата кои се родени со хромозом повеќе.
Во интервју за CRNOBELO.com, таа отворено зборува за неизвесноста, стравовите и голготата што таа и сопругот Виктор ја поминале во првите денови по породувањето, сè до денес кога Уна е скоро 5-годишно насмеано дете и кое редовно оди во градинка, а ужива и во улогата на постара сестра.
Но, она што најмногу остава впечаток во приказната на Марија е тоа дека и покрај големиот број тестови и испитувања на кои се изложени бремените жени во изминатите неколку години, никој не забележал дека Уна ќе се роди малку поразлична од другите деца.
За тоа дека нејзината првородена ќерка има Даунов синдром, Марија дознала дури по породувањето, бидејќи ниедно испитување во текот на бременоста не укажувало на никакви проблеми и аномалии кај бебето.
Сепак, прегледот кој го направила во 36-тата недела од бременоста, инаку прв кај лекарот кој требал да ја породи, ги вклучил „црвените светла“ дека бебето е недоволно развиено, а по препорака на лекарите, Марија се породила неколку дена подоцна.
На почетокот, таа и сопругот поминувале низ голгота.
Миговите се чинеле како векови и неизвесноста била огромна додека чекале да ги добијат резултатите од испитувањата за тоа дали бебето има Даунов синдром, но и какво му е здравјето.
Денес, многу од овие стравови се зад нив, а Уна е насмеано и среќно дете кое ги сака сите, но и дете кое помага многу околу нејзината помала сестричка, односно второто дете на Марија и Виктор.
За предизвиците со кои се соочила по породувањето, за поддршката од сопругот, но и за малата Уна, Марија ни раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com:
Раскажи ни нешто повеќе за првата бременост. Имаше ли нешто што укажуваше на тоа дека бебето ќе се роди предвреме и дека е можно да се роди со Даунов синдром? Какви тестови направи и што ти рекоа лекарите?
После првиот спонтан абортус, кој се склучи во 2019 година, имавме посакувана втора бременост која сè до 36-тата недела беше уредна.
Јас бев многу среќна и убава трудница, одев на редовни контроли, скрининзи и сè што треба да се направи во една бременост, а по насока на лекарите.
Спремна бев дека ќе се породам по природен пат и само што влегов во 36-тата недела отидов на контрола кај докторот што сакав да ме породи, за да се договориме да го води последниот месец од бременоста.
Во тој момент докторот забележа дека нешто не е во ред со бебето и му беше чудно што се случува, зашто претходно сè беше во ред. Бебето престанало да се развива, водата се заматила и беше многу поспано.
Веднаш ме задржа во болница за да почне со ставање инјекции за зреење на белите дробови на бебето и да ме породи со царски рез, бидејќи му беше страв да не го изгубиме бебето.
Кога заврши зреењето, после 4 дена (24 февфруари 2020) на тој ме породи со царски рез.
Бев пресреќна бидејќи успеавме да го спасиме детето, тоа стигна на свет живо без да помислам дека потоа ме чека шокантна вест.
Веднаш дојде педијатар да разговараме и ми беше соопштено дека се сомневаат дека бебето има Даунов синдром.
Како се чувствува мајката кога по породувањето ќе ѝ кажат дека детето е со Даунов синдром? Можеш ли да ни доловиш што се случуваше во тие први денови по породувањето?
Како што кажав, по породувањето бев за миг пресреќна бидејќи бебето веднаш заплака и сè се заврши супер. Но, сета таа среќа траеше само за миг.
Педијатарот побара да разговара со мене и тогаш ми соопшти дека се сомневаат дека бебето има Даунов синдром.
Но, тоа за мене не беше шокот, бидејќи бев среќна што е живо и не ми беше битно дали има и каков синдром има.
Но, кога ми соопштија дека има други здравствени проблеми, тоа ми беше најтешко – не сакав да се мачи, да следуваат операции, болници и маки.
Јас само плачев, па кога доаѓаа докторите да разговараме, само им викав „Нека остане жива, само нека не ми ја зема Господ, ние ќе ја чуваме и гледаме каква и да е, само не сакам да се мачи по болници“.
Колку време поминавте на ОИНТ? Имаше ли некои други компликации?
Бебето веднаш беше пренесено на неонатологија и таму бевме 40 дена.
Веднаш почнаа да се прават потребните испитувања.
По една недела, сепак во мене длабоко верував дека Уна нема, ништо освен што е предвреме родена и истрауматизирана, бидејќи сите контроли, приска и скрининзи беа во ред.
Тогаш стигна и резултатот со кој се потврди дека Уна има Даунов синдром.
Тоа го прифатив најнормално, иако сите ми зборуваа дека е многу тешко да имаш такво дете, дека ќе се мачи и тоа и сите ние.
Ама, јас велев дека Господ најтешките битки им ги дава на најхрабрите.
Јас и мојот сопруг си го прифативме тоа најнормално и од прв ден Уна докажа дека и во медицината сè е возможно.
Секој ден стигнуваат резултати кои се подобри и подобри.
Сите органи ѝ беа во ред, ѝ беше правено ехо на срце, на бубрези, немаше никакви аномалии и тоа мене ми беше најбитно.
Како се одвиваше нејзиниот развој понатаму? Имаше ли некои работи на кои требаше повеќе да внимавате?
Нејзиниот развој, морам да признаам, се одвиваше супер но со многу вложување во неа и од моја страна, и мојот сопруг, но и моите родители.
Не можам, а да не ја споменам нашата ѕвезда водилка која од прво излегување од болница е со нас, а тоа е патронажната сестра од Велес, Лидија Кочовска, која го следеше развојот на Уна и ме упатуваше што да правиме точно во кој месец.
Бидејќи децата со Даунов синдром страдаат од послаба мускулатура, таа ни даде вежби кои ги правевме секој ден, точно ни даваше насоки во кој период од месеците што треба да работиме за да нема застој, со какви играчки да работиме и Уна немаше никакви пречки.
Прооде, проговори и сега е едно прекрасно дете.
Ние со Уна се однесувавме како да нема никаков синдром и ја гледавме најнормално како секое дете со типичен развој од самиот почеток.
Иако беше време на корона, не ја затворавме дома – таа секој ден беше надвор да се социјализира со децата.
Не се однесуваме со неа со сожалување дека има синдром, па да треба да има некоја посебна нега и да ѝ помагаме за сè.
Да, ќе ѝ помагаме, но ја оставаме сама да се осамостојува уште од лулашки.
Треба и да падне и да стане и пак да продолжи – и сето тоа вроди со плод.
Таа јаде сама од 1 година, сама се соблекува, се облекува, сама оди во тоалет, дури и сама се бања.
Има малку задоцнет развој во говорот и посетуваме дефектолог, а од оваа година и логопед и има многу напредок.
Девојчето денес има 5 години и оди во градинка. Како одеше целиот процес за запишување во градинка, лесно ли ве прифатија?
Јас сакав Уна да тргне во градинка што порано, бидејќи знаев дека сака многу деца и дека тоа ќе биде уште подобро за нејзиниот развој.
Ја запишавме во „Буба Мара“, без никаков проблем беше примена и на година и 7 месеци таа тргна во градинка.
Беше супер прифатена и од негувателките, но и од сите другарчиња кои сега се во многу голем број.
Оди и се дружи со сите, ја канат на родендени, а и кај неа доаѓаат сите.
Во градина е омилено дете и кај целиот персонал, но и во другите групи.
Кога ќе излеземе надвор сите ја познаваат, трчаат и ја гушкаат и само слушам како викаат „Унааааа“ и тие, но и група дадички од соседните згради.
Имате уште едно бебе. Како се снаоѓа Уна во улогата на постара сестра? Имаше ли љубомора на почетокот?
Да, имаме второ бебе кое е старо неколку месеци и Уна е супер постара сестричка.
На почетокот беше хаотично. Таа мислеше дека бебето е кукла која може да ја храни, да ја зема во раце, но сè тоа од преголема љубов.
Не е љубоморна, само си бара внимание. Заедно ја бањаме, ја пресоблекувме помалата ќеркичка, а Уна супер се снаоѓа и ми помага.