Каде е и што прави денес атрактивната Сакине од групата „4 Play“?
- Детали
- петок, 27 декември 2024
„Во моментот се подготвувам за преселба на неколку години во Швајцарија, каде живее мојот партнер и каде ќе работам како психолог“, вели Сакине Џеладиновска (36) од Битола, некогашната членка на групата „4 Play“ за CRNOBELO.com.
Сакине Џеладиновска (36) од Битола ја паметиме како талентирана девојка од музичкото шоу „Потрага по соѕвездие“, по кое стана дел од женската група „4 Play“ составена од 4 членки, односно Сакине, Нина Јанева, Магдалена Цветкоска и Изабела Јованов.
Таа нè потсетува на златната ера на македонската музика, од која има огромен број на хитови кои се слушаат до денес.
Но, каде е и што прави денес Сакине?
Сакине за CRNOBELO.com споделува:
„Победата на М2 „Потрага по соѕвездие“ беше реализација на еден мој детски сон.
Тоа време додека бевме активни како групата „4 Play“ на македонската музичка сцена, се смета за златна ера на македонската поп-музика.
Имав можност да соработувам со големи професионалци како Иво Јанковски, во функција на менаџер и Дарко Димитров како продуцент.
Исто така, бројни македонски музички имиња како Роберт Билбилов, Раде Врчаковски, Дарко Тасев, Лазар Цветковски, Калиопи, Елена Ристеска, браќата Тавитијан и многу други, ни беа соработници и учествуваа во креирањето на албумот, концерти и разни настани на кои настапуваме.
Функциониравме како едно големо семејство, а девојките од групата, иако не ги гледам често, засекогаш ќе ми останат драги.
Можам слободно да кажам дека тој настан остави голем белег врз мојот живот и ми отвори многу врати подоцна.
До ден денешен се слуша песната „Не суди со очи“, често се случува да ми стигне видео порака од различни прослави, собири, на која се пее истата или некое хитче од албумот „Пред полноќ“.
За жал, поради сплет на околности „4 Play“ престана да функционира, а јас се посветив на едукација. Дипломирав психологија, посетував психолошки обуки, курсеви за животни вештини, комуникациски вештини, станав обучувач за возрасни, еден куп семинари, летни школи и слично.
Тој период инвестирав многу во едукација и стекнување разни видови компетенции, на што од денешна перспектива се чувствувам задоволно и гордо, бидејќи сум оспособена за повеќе професионални бранши и имам создадено многу квалитетна и хетерогена социјална мрежа.