Сташа Божиновска ја преточи азбуката во накит: „Ова е мој личен обид да го зачувам богатството на македонскиот јазик“
Што те инспирираше да ја создадеш колекцијата „Дума“ посветена на македонскиот збор? Како дојде до оваа замисла и како изгледаше процесот на избирање и претворање на секое парче накит во приказна поврзана со оживеани стари зборови?
Најчесто мојата креативност се буди во доцните часови на ноќта, па дури и во соништата. Овој проект го сонував, иако нејасно, но со силна замисла – да ја преточам нашата македонска азбука во накит.
Овој накит е мој личен обид да го истражам и зачувам богатството на македонскиот јазик преку уметноста на накитот. Сакав да користам стари архаични зборови кои ги паметиме од нашите баби и дедовци, зборови кои сè поретко се употребуваат, во време кога јазикот често се заборава или губи во превод.
„Дума“ има за цел да го врати значењето и убавината на тие зборови кои ни се основа.
Користејќи дигитални техники и 3D моделирање, создадов уникатни дела кои ги слават буквите и зборовите, претворајќи ги во современ накит кој ќе ја пренесе традицијата во иднината.
Бирањето на зборовите не го правев со редослед на азбуката – одбрав зборови кои ми се допаѓаат, кои имаат убаво значење, и ја пренесуваат мојата посветеност на зачувување на македонскиот јазик.
Откако успешно помина твојата изложба, како се чувствуваш сега? Какви беа реакциите? Дали си задоволна од резултатот и дали би направила нешто поинаку?
Изложбата беше сè што замислував и повеќе. Целата фантазија која ја носев, конечно доби облик и форма, и мојата приказна во оваа индустрија започна вистински и силно.
Се чувствувам среќна, задоволна, но и горда на самата себе. Имаше моменти кога се сомневав во мојот избор на професионален пат, дали сум доволно добра во тоа што го правам или ќе бидам само уште еден инстаграмџиски дизајнер на накит.
Но, си го докажав спротивното. Сега знам дека пред мене стои можност за долг и успешен пат, доколку сакам и работам на тоа.
Сè ова е реално благодарение на мојата желба, љубов и труд кои ги внесов во овој проект, но најмногу затоа што околу мене имам луѓе на кои во секој момент можам да се потпрам и од кои секојдневно добивам безусловна поддршка и помош – ветер во грб.
За успех е потребен труд, но што би рекла мајка ми: во успехот никој не чекори сам.
Реакциите од посетителите беа неверојатни и тоа беше потврда дека патот кој го избрав е правилен. Многу луѓе се воодушевија на концептот и начините на кои се претставени старите зборови, но и на техниките што ги користам во мојот дизајн.
За мене, ова беше потврда дека ако се вложи вистински труд и љубов, резултатите ќе бидат поголеми отколку што сме можеле да замислиме.
Сега, гледам напред и веќе размислувам за следниот чекор – нови проекти и продолжување на истражувањето на културното наследство преку накитот.
Какви проекти имаш зад себе? И на кои од нив си најгорда? Си доживеала ли некој неуспех или разочарување, нешто што некогаш те натерало да се откажеш или можеби те поттикнало да бидеш уште подобра?
Најгорда сум на овој проект, колекцијата „Дума“, ова е моето прво дете. Пред тоа сум работела на многу проекти на факултет, но тоа беа колекции кои сум ги работела со ментори и секогаш имав конструктивни критики за како можам да го подобрам моето дело.
Оваа колекција ја работев сама, без никакво очекување и замисла за исходот. Генерално, не сум доживеала неуспех конкретно за некој од моите дизајни или изработки, но во еден период во животот, после неочекуваното враќање во Македонија, каде се вратив на викенд со едно куферче и поради пандемијата останав тука до денес, бев многу несигурна.
Како што кажав, се сомневав дали го одбрав вистинскиот пат, што сега тука? Целото знаење и целата помош од докажани професионалци ги оставив зад себе, од држава каде дизајнот е во секоја просторија и се дише преку секој здив, јас се вратив во нашата Македонија, каде сите ресурси се толку лимитирани и недостижни.
Но сфатив дека тоа е мојата мисија и цел како уметник, да успеам и да ја пренесам нашата убавина, убавината на нашиот јазик, на нашата земја, природа и дека имаме премногу богатства кои не ги цениме.
Среќна сум дека се вратив, сметам дека можностите и слободата која ја имаме тука ги нема надвор, како и обратно.
Секое место си има своја убавина, а ваквите мали места, како нашето, имаат најмногу непронајдена убавина и оставено е на нас да ја пронајдеме и пренесеме.
За кого сметаш дека е наменет твојот накит и како ти го вметнуваш накитот во својот приватен стил?
Се сметам за сè освен за минималист, сакам гломазни и големи работи, шарени и звучни, моќни и тешки. Токму таков е и овој накит.
Не сакам масовна продукција, сметам дека секој заслужува парче во кое не сите останати ќе се пронајдат, затоа што мојот накит раскажува приказна.
А секој човек има своја вистина и своја приказна, нели? Мојот накит е посвета за секој човек, за секоја мисла, за се она што човек љуби и чувствува.
Моменталната замисла за моите понатамошни дизајни е да има по секојдневни парчиња кои ќе бидат во лимитиран број, но и уникатни парчиња кои ќе се изработуваат по порачка или изработка на само едно парче кое ќе биде продадено по принцип first come-first serve.
Каде може да се купи твојот накит и дали станува збор за лимитирана колекција?
Моментално, накитот не е на продажба. Моја цел е да ја завршам целата македонска азбука, и откако тоа ќе биде постигнато, ќе одлучам на кој начин ќе се реализира продажбата.
Размислувам за можноста да организирам аукција, од чии средства ќе се финансираат млади уметници во нашиот град или држава. Колекцијата ќе се состои од 31 парче, колку што има букви во нашата азбука.
Секое парче ќе биде единствено. Сепак, на краток рок, мојата цел е да продолжам со дизајнирањето на парчиња кои ќе ги опишуваат најубавите зборови.
Затоа, ги повикувам сите кои сакаат да учествуваат да ги предложат своите омилени зборови.
Со пополнување на формуларот на мојата веб-страница, секој може да предложи нови зборови кои би можеле да бидат дел од оваа колекција.
Какви се твоите планови и цели за во иднина?
Би сакала моите идни планови во овој момент да не ги откривам, но ви ветувам дека се подготвуваат убави работи.
Следете ме на моите социјални мрежи и веб страницата за да бидете во тек со сите случувања кои ќе таму ќе се најавуваат.
Instagram:@stashasignature
Facebook: Stasha’s Signature
website: www.stasha.com.mk
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело