Сташа Божиновска ја преточи азбуката во накит: „Ова е мој личен обид да го зачувам богатството на македонскиот јазик“

„Кога имав 14 години, татко ми сакаше да ја продаде семејната компанија „Божиновски часовници и накит“, но, тој момент ми беше повик да преземам нешто и да побарам да ни даде можност да ја продолжиме приказната. Студирав на академија за дизајн на накит во Милано, учев од професионалци, а со мојата колекција накит сакав преку уметност да ги сочувам старите македонски зборови“ - раскажува младата Сташа Божиновска за CRNOBELO.com.

stasha-bozhinovska-ja-pretochi-azbukata-vo-nakit-ova-e-moj-lichen-obid-da-go-zachuvam-bogatstvoto-na-makedonskiot-jazik-01.jpg

Сташа Божиновска (25) од Битола е млада и креативна уметничка душа, која својата желба за изработка на накит, што тлее уште од детските години, ја претвори во успешна приказна.

Неодамна, таа имаше изложба на своја уникатна колекција накит, под името „Дума“, а истата е создадена како дел од проектот „Азбучен споменар“ и ги оживува архаизмите – подзаборавените македонски зборови – претворајќи ги во современа уметност.

Таа признава дека моментот кога нејзиниот татко сакал да го затвори семејниот бизнис „Божиновски часовници и накит“, за неа бил пресвртна точка, која уште повеќе ѝ ја засилила желбата за работа со накит и продолжување на приказната.

Сташа студирала во Милано на академија за дизајн на накит, IED, каде се стекнала со вештини и знаења од звучни имиња во светот на модата и накитот.

stasha-bozhinovska-ja-pretochi-azbukata-vo-nakit-ova-e-moj-lichen-obid-da-go-zachuvam-bogatstvoto-na-makedonskiot-jazik-002.JPG

За CRNOBELO.com таа зборува за своите почетоци, инспирацијата и работата со накит:

Кога ти се роди желбата и идејата за изработка на накит? Дали е приказна која започнала како детски сон и стигнала до успешна реализација? Кои се твоите скромни почетоци?

Сметам дека целата моја љубов и желба за оваа професија ја имав отсекогаш длабоко во себе. Од многу рани години се препознавала мојата умешност за работа со раце и естетика.

Двајцата мои родители се љубители на уметност и големи естети. Целата моја потесна, но и пошироката фамилија, дали како хоби или професионално, голем број на моите роднини се тесно поврзани со уметност.

Моите почетоци не би рекла дека се различни од секој кој се усмерил кон уметноста. Се сеќавате на оние гумени врвки во боја кои во училиште сите ги носевме и правевме белегзии или приврзоци за клучеви?

Бев опседната со тие плетки, измислував нови, грешев, фрлав, барав решенија, но целиот тој процес ме правеше среќна.

Кога сме оделе на одмор, изработував накит од монистри, врвци и сè што имав при рака и ги продавав. Во моите тинејџерски години, учествував на секакви работилници за изработка на накит.

stasha-bozhinovska-ja-pretochi-azbukata-vo-nakit-ova-e-moj-lichen-obid-da-go-zachuvam-bogatstvoto-na-makedonskiot-jazik.JPG

Каква е твојата лична приврзаност за компанијата за накит и часовници „Божиновски“ на твојот татко Игор Божиновски, од самите почетоци до денес, и колку оваа бизнис приказна влијаела на твојата одлука за дизајн на накит? 

Мојата приврзаност кон компанијата „Божиновски“ е длабоко лична и емоционална, бидејќи ја поврзувам со семејството и сите вредности што ги носиме заедно.

Кога имав 14 години, татко ми чувствуваше дека е на крстосница во животот. Веруваше дека го достигнал својот најголем потенцијал и дека е време да се посвети на своите хобија.

Одлучи да ја продаде компанијата, сметајќи дека ние, јас и моите браќа, во тој момент сме премногу мали за да бара од нас да ја разбереме тежината и одговорноста што доаѓа со водењето бизнис.

Но, тој момент за мене беше повик да преземам иницијатива и побарав од него да ми даде можност, заедно со моите браќа, подоцна да одлучиме како ќе ја продолжиме семејната приказна.

Иако двајцата мои родители никогаш не очекуваа од мене да ги следам тие стапки и нивната желба за мене и моите браќа секогаш била да го одбереме патот по кој одејќи ќе бидеме најсреќни, јас секогаш чувствував внатрешна потреба и желба да ја продолжам приказната.

stasha-bozhinovska-ja-pretochi-azbukata-vo-nakit-ova-e-moj-lichen-obid-da-go-zachuvam-bogatstvoto-na-makedonskiot-jazik-17.jpg

Бев благодарна што имав избор, и денес сум горда што го одбрав тој пат.

Компанијата не е само бизнис за мене, туку е симбол на семејниот труд и истрајност.

Покрај креативната страна, често размислувам за предизвиците со кои се соочувам како уметник и дизајнер. Уметноста е борба помеѓу срцето и умот, помеѓу емоцијата и рационалното.

Додека создавањето е инспирирано од лични приказни и чувства, продажбата на делата бара рационалност и деловна стратегија.

Тоа понекогаш е тешко за мене, но тука лежи важноста на искуството што го добив растејќи и гледајќи како се гради еден бизнис.

Тука научив како да ја спојам креативноста со претприемачкиот дух.

Активно сум вклучена во компанијата, и додека го развивам мојот накит, применувам дел од вештините на мојот татко. Тоа ми дава сигурност и сила да започнам свој бизнис и да отворам нова гранка во веќе постоечкиот.

Денес, ја продолжувам семејната традиција со своја креативна визија, верувајќи дека уметноста и претприемништвото можат заедно да создадат нешто уникатно и трајно.

stasha-bozhinovska-ja-pretochi-azbukata-vo-nakit-ova-e-moj-lichen-obid-da-go-zachuvam-bogatstvoto-na-makedonskiot-jazik-04.JPG

Колку и на кој начин ти значеше студирањето во Милано? Зошто тоа беше вистинското место за студии? Со какви знаења, способности, вештини и пракса се стекна? Колку време помина таму?

Студирањето во Италија беше една од најважните и трансформативни фази во мојот живот.

Италија е престолнина на модата и уметноста, место каде можностите се бескрајни, а секој агол крие нешто ново и уникатно.

Мојата образовна патека таму ми овозможи не само да стекнам теоретски и практични знаења, туку и да создадам непроценливи контакти во светот на накитот и уметноста.

Студирањето на факултетот во Милано ми овозможи да учам од некои од најпознатите имиња во индустријата, вклучувајќи дизајнери од големи брендови како Damiani и Van Cleef, како и со експерти по гемологија и историчари на накит.

Програмата нудеше уникатни можности за практично учење, од посети на галерии до колаборации со модни студија. Техниките кои ги совладав беа од основа до напредно ниво: од топење на метали, изработка на плочки и жици, резбарење на восок, па до користење на 3D софтвери за дизајнирање.

stasha-bozhinovska-ja-pretochi-azbukata-vo-nakit-ova-e-moj-lichen-obid-da-go-zachuvam-bogatstvoto-na-makedonskiot-jazik-04_2.JPG

Додека учев, ја совладав и историјата на накитот и тајните на гемологијата, кои сега ги применувам во мојата работа.

Еден од најзначајните моменти беше кога имав прилика да соработувам со едно миланско модно студио и мојата дизајнерска линија на накит беше избрана да биде дел од новата колекција на студиото, што беше и голема награда за мене.

Овој успех не само што беше признание за мојот труд и креативност, туку и потврда дека сите теоретски знаења можат да се претворат во нешто реално и визуелно привлечно.

Поминав три години во Милано, и иако мојата приказна таму беше прекината поради пандемијата на КОВИД-19, искуствата што ги стекнав и луѓето што ги запознав ќе останат неизбришлив дел од мојата професионална и лична патека.

Со каква техника се изработени твоите парчиња накит? Кажи ни нешто подетално околу процесот на изработка на накитот, како изгледа поточно твојата работа, какви парчиња накит изработуваш, дали работиш сама или со тим стручни лица итн.

Моментално работам во 3D софтвер за дизајн на накит, целото парче се изработува во софтверот, до најмал детаљ и потоа се принта во реална големина и тродимензионална форма.

За изработка на накит, често се користи восок, бидејќи овозможува детали со голема прецизност. Првично, се принта моделот од восок со висока прецизност, што ќе биде користено за изработка на калап за металното лиење.

Принтерот создава слој по слој, што овозможува креирање на многу сложени и детализирани форми. Восочниот модел се обложува со специјален материјал, обично гипс или силикон, кој потоа се стврднува.

stasha-bozhinovska-ja-pretochi-azbukata-vo-nakit-ova-e-moj-lichen-obid-da-go-zachuvam-bogatstvoto-na-makedonskiot-jazik-07.JPG

Ова создава калап во кој ќе биде излеан металот. По стврднувањето на калaпот, восокот се загрева и се отстранува, оставајќи празнина во калапот во кој ќе е металот.

Кога калапот е подготвен, тој се става во индукциона машина за да се загрее и создаде празнина за металот, а потоа загреаната метална легура се излева во калaпот и се пополнува празнината, создавајќи физички модел на накитот.

Потоа следи дообработка, чистење, полирање, доколку е потребно позлата или додавање на камења.

Моментално поради лимитирани ресурси тука, додека не се опремам доволно за да ја правам целосната изработка, јас го дизајнирам накитот и го изработувам во 3D софтвер, а крајниот продукт го изработува фабрика во Милано која соработува со многу познати имиња во светот на накитот.

stasha-bozhinovska-ja-pretochi-azbukata-vo-nakit-ova-e-moj-lichen-obid-da-go-zachuvam-bogatstvoto-na-makedonskiot-jazik-09.JPG

Продолжува на следната страница... 



Би можело да ве интересира:

Милица Павловиќ за CRNOBELO: „Немам емотивен партнер, можеби Македонец ми е судбина“ „Да не беа моите баба и дедо, немаше да сум толку решителна. Нивните крилја ми б...
Сара Трајковска, ќерката на Борис Трајковски ексклузивно за CRNOBELO: „Омилените спомени со татко ми... „Често му бев верна придружба кога одеше на пазар, а кога патуваше, од секаде ми...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...
Тамара Тодевска за врската со Лука: „Внимателен е, грижлив и со многу љубов се однесува кон мене и м... „Лука е непосреден, отворен, забавен, позитивен, сака луѓе и дружење. Многу едно...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg