Неле Карајлиќ за CRNOBELO.com: „Служев војска во Петровец, Скопје е дел од мојата младост“
- Детали
- четврток, 02 јануари 2025
„Не сум носталгичен човек, но мислам дека тоа време беше подобро. Често ме нарекуваат југоносталгичар и многумина не го сметаат ова за добра особина. Им велам - ако ми докажете дека сега е подобро, ќе престанам да бидам југоносталгичар“ - вели Неле во интервју за CRNOBELO.com.
Еден од најпопуларните ликови во поранешна Југославија и денес е Неле Карајлиќ, или доктор Неле, како што го викаат многумина.
Од една страна актер, од друга музичар, Неле (62) не запира и живее со полни гради.
Одржува концерти, пее, а во интервју за CRNOBELO.com, вели дека размислува да напише и нова книга.
За животот, „Надреалисти“, по нешто и за „Забрањено пушење“ - бендот кој е синоним за Неле, прочитајте од разговорот со него:
Неодамна славевте роденден... што си посакавте оваа година?
Не можам јас нешто многу да си посакам на себе.
Воглавно, здравје и паметот да не ме остава, а на мене останува да се обидам да реализирам нови идеи и проекти, пред сè нови песни, книга, телевизиска серија...
Од друга страна би сакал да ни посакам мир на сите.
Дали на 62 години го постигнавте она што го посакувавте во кариерата или има работи кои досега не сте ги запишале на вашата to do листа?
Во текот на овие 62 години живот и 40 години работа, навистина ми се случија многу убави работи, но и многу грди.
Мојата кариера беше чудна, полна со неочекувани пресврти.
Почна случајно и таа случајност ме крена во височините, но и ме фрлаше назад на подот.
Она што го направивме пред 40 години, „Пушење“ и „Надреалисти“, сè уште живее.
Од друга страна, го прошетав светот со својата музика, свирејќи во преку 40 земји.
Кога завршив со сето тоа, почнав да пишувам книги. Најдов мир во пишувањето.
Дали е тоа сè? Не! Имам чувство дека врвот на мојата кариера е допрва пред мене.
Имате ли некој посебен спомен што е поврзан со Скопје, со Македонија?
Скопје го сакам уште повеќе отколку кога првпат дојдов овде, во раните осумдесетти.
Служев војска на аеродромот во Петровац, па Скопје ми е врежано во сеќавањето како дел од мојата младост.
Исто така, се сеќавам и на фантастичните концерти што ги имав во овој град, како и на литературните вечери што ги организираше мојот издавач, „Арс Ламина“.
Не се сеќавам само на настапите, имаше тука и многу убави моменти поврзани со моите пријатели кои живеат во Скопје и кои се мајстори за гостопримство.
„Топ листа на надреалисти“ и денес важи за една од култните емисии на овие простори... Ви се случува ли некогаш случајно да седнете и да погледнете некоја епизода?
„Надреалисти“ можете да ги гледате секој ден, не само на Јутјуб, туку и во реалноста. Она на што се смеевме пред четири децении, денес стана реалност.
Денес ова би се викало „Топ листа на реалисти“.
Но, во секој случај, секогаш ми е убаво и смешно кога повторно ги гледам тие наши скечови. Секогаш искрено се смеам.
Дали се дружите или комуницирате со Бранко Ѓуриќ - Ѓуро, или со другите момци од екипата?
Повремено сум во контакт со Ѓуро и со Зенит.
Животот нè однесе во различни правци, но сепак нè обединува „славното минато“.
Дали ви недостига тоа време? Дали чувствувате носталгија понекогаш?
Не можам да кажам дека сум носталгичен човек, но мислам дека тоа време беше подобро.
Не знам дали сум објективен кога го кажувам тоа, или тоа е моја фикција.
Бев помлад, поенергичен, сите бевме побезгрижни на некој начин.
Често ме нарекуваат југоносталгичар. Многумина не го сметаат ова за добра особина.
Секогаш им велам - ако ми докажете дека сега е подобро, ќе престанам да бидам југоносталгичар.
Дали се каете за нешто во кариерата?
Единственото нешто за што жалам не е поврзано со мене, а тоа се страшните деведесетти, кои како што гледаме сега, никому не му требале.
Да не беа тие, којзнае до каде ќе стигневме.
Вака, морам да бидам задоволен од она што го направив досега.
На крајот на краиштата, јас сум само на половина пат, ха, ха, ха…
А на кој ваш успех најмногу се гордеете?
Горд сум на многу работи во кои сум учествувал.
Горд сум на фактот што сум свирел во најголемите градови во светот, што сум ги посетил сите континенти, но горд сум и кога луѓето ми приоѓаат и велат дека пораснале со мојата музика.
Сето тоа ме прави горд.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / Фото: Алекса Станковиќ