Анжелика од Скопје за ракот на дојката: „Се изнаплакав кога ми кажаа, а потоа ги извадив двете гради, решена да го победам“
Како изгледаше постоперативниот процес? Одеше ли на хемотерапија и имаше ли нус-појави од терапиите?
Имав 6 хемотерапии, 16 херцептини (кои се примаа исто на 21 ден како хемото), а сега сум на таблетарна терапија (за заштита).
На три месеци примам и венска терапија за заштита на коските.
Нус појави секако дека има, но се носам со нив.
Пак ќе речам, психолошкиот момент е најважен во оваа борба. И работење, многу работење.
Направи ли операција за ставање вештачки гради?
Не направив операција за вештачки гради.
Не дека сум против тоа, секој има право на избор.
Но, едноставно, не чувствувам потреба за такво нешто, ниту пак ми смета што носам протези.
Колку раѓањето на внуците ти беше „лек“ во тоа време, да те крене и води напред?
Освен уметничките дела што остануваат после мене, имам два мастери што сум ги донела на овој свет - тие се мојата сила и мотив за понатаму.
Додека го одев и одам овој трнлив пат, се родија моите два внука Матиас и Давид, кои и тоа како ми го олеснија патот. Секој ден е среќа со нив, моја нова светлина.
Секое утро се заблагодарувам на Бога што ги отворам очите и со тоа добивам можност да им се радувам и да ги гледам како растат.
Нормално, таа дупла среќа посакувам да ја доживеам и од помалиот син. Постојано си повторувам: „Посакувај - ќе ти се оствари“.
Ракот ме нокаутира, па ме „исшамара“ да ме освести доволно за да сфатам дека немам 10 животи, туку овој еден и да го живеам секој ден.
Ме научи да приметувам сè што не сум приметувала, да се радувам на сè и на крај да сфатам колку е убав животот.
Долги години сликаш, го имаш и студиото „Анжелика арт“... Колку тоа ти беше терапија и дали во твоите слики (каде што секогаш доминира жената), те има и тебе како лик и тоа низ што помина и со што се избори?
Сè што чувствувам - го запишувам. Да, малку е само сликањето по платна, иако од тоа никогаш нема да се откажам, тоа е мојата прва љубов.
И мислам дека писанијата ќе бидат срочени во форма на книга заедно со слики и изложба.
Се надевам прво на добро здравје, па сè останато. Јас не престанав да сликам, преку моите слики ги изнесувам моите емоции. Секој ден работам и во секое дело сум јас. Во делата ќе ме препознаете.
Имав изложба пред две години, наречена „Фрагменти од едно постоење“ во која беше претставено моето патешествие додека траеја терапиите, па беа претставени сите чувства, ме има без коса, без веѓи и трепки, со турбани, расплакана, насмеана итн.
Што да кажам друго освен дека го сакам животот, животот е уметност.
Во месецот за зголемување на свесноста за опасноста од ракот на дојката, дали си вклучена активно во некои активности? Дали по твоето трауматично искуство, сега ги советуваш девојките и жените и што е твојата порака?
Да, сега сме во розовиот месец, месец за зголемување на свесноста за опасноста од ракот на дојка.
Вклучена сум во многу активности.
На 22 октомври на Клиниката за онкологија вторпат ќе биде организиран настанот: Појадок со онколошките пациенти, кој го организира Здружението ХЕМА-ОНКО.
Од оваа година и ние ПЕПЕРУТКИТЕ, жени кои се боревме со рак на дојката, станавме дел од ова здружение, со цел да ги подобриме условите и да работиме за подобрување на здравствениот систем.
Овој доручек е мал гест со кој сакаме да им покажеме на пациентите дека не се сами во оваа борба, а во исто време да му покажеме на персоналот дека го цениме нивниот труд и внимание кое неуморно ни го даваат.
На 19 октомври се планира настан за подигање на свеста, но не само за состојбата и условите на онкологија, туку и за превенција и едукација, забава и слично.
Сакаме да го обележиме розовиот месец, но во исто време да ги потсетиме, не само пациентите, туку и сите останати, дека сме тука да се бориме за нив низ цела година.
Како пациентки и борци секоја година само во октомври зборуваме за тоа што мора да се промени, но веќе планираме активности низ целата година.
Заедно со ХЕМА-ОНКО работиме на програми и предлози до МЗЗ, ФЗЗ и Клиниката за онкологија, бидејќи промени и подобрувања мора да има.
Како ПЕПЕРУТКИ и пациентки, за нас фокусот и приоритети остануваат промената на позитивната листа, достапност на нова терапија, функционална и едноставна скрининг програма, достапност за термини за потребни испитувања.
И се разбира подобрување на условите на онкологија, реорганизација на клиниката, за поквалитетна и подостојна услуга на истата.
Постојано се советуваме во групите што ги имаме.
И за крај би порачала:
„Жени, девојки, правете редовни контроли, што и да е, ако е навреме откриено може да се излечи. Посетувајте настани, едуцирајте се за вашето здравје, чувајте и негувајте го вашето здравје, сакајте се себеси и правете добро за себе“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело