Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“
Сте разговарале ли како тој се сеќава на таа средба?
Тој се сеќава дека јас сум била многу убаво облечена. А јас на тој одмор немав земено ништо секси, ништо специјално, затоа што отидов за да лежам на плажа по цели денови.
И не знам како еден црвен фустан заврши во мојот куфер. Но, немав штикли, само патики.
И така сакав да ги комбинирам за вечерта, не се спремав ништо специјално.
Ама другарката ми рече дека не може да одам во луксузен ресторан по патики, па ми даде едни нејзини штикли.
Е сега, тој знае да опише како сум изгледала, но повеќе раскажува за тоа како се чувствувал кога бил со мене.
Ми кажа дека тој ден излегол надвор од својата комфор зона и дека за него било вистинско изненадување што прифатил да излезе со некоја девојка и другарка ѝ, а не ги знае, и цела вечер да седи и разговара како да се знаат одамна.
Тој е всушност голем логичар, позатворен човек и тој не може тукутака да се опушти.
Па затоа му било многу чудно што прифатил да излезе на вечера. Тоа на него не му се случува.
Со што те освои Лукас?
Со внимание. Со почитување. Маж не треба само да те сака, туку треба да знае и како да се однесува со тебе, да ти дозволува да бидеш своја.
Тој ги правеше тие работи од прв момент - ме слушаше кога зборувам, не гледаше во очи, ме цени, ме возвишува и прави да се чувствувам убаво во однос на себе.
Знаеш, сите ние на некој начин се саботираме самите, не си веруваме на себе дека нешто можеме, а тој ми дава ветер во грб и знае како и малите работи, кои за мене се неквалитети, да ми покаже дека се квалитети и да најде начин да ме воздигне, да ми даде самодоверба.
Знае како да се направи да се чувствуваш како жена.
Јас никогаш претходно не сум се чувствувала како жена во вистинска смисла, а со него се чувствувам така од моментот кога седнав на масата во ресторанот.
Дали е романтичен?
Не е многу романтичен, ама знае да ми направи по некое изненадување.
Се сеќавам, на почетокот, при една од моите први посети на Солун, гледам покрај креветот оставено пакетче.
Ми кажа дека е за мене, а немаше повод, ништо не славевме.
Бил да ѝ купи подарок на другарка за именден и решил да ми купи нешто и на мене. „Не сакав да одам во бутик да купам за друга жена, а да не купам за својата“ - ми рече.
И тоа го прави и сега, кога купува за други, купува и за мене, дури и да е тоа ситници – и доволно ми е затоа што знам дека ме помислил.
А што е со тебе? Која е најромантичната работа што си ја направила за него?
Пред некое време купив рамка и исеков наши фотографии, кои ни се необјавени, само наши и ги споив – тоа го воодушеви.
Не дека е нешто скапо, ама беше воодушевен од гестот. Сега таа рамка ни стои во спалната.
Пред да си одам од Солун му оставам писменца насекаде. На пример, во новата паста што треба да ја отвори, има писменце со порака.
Пораките се напишани на грчки, бидејќи почнав да го учам јазикот и тој многу ги сака тие мали гестови.
Колкав предизвик беше да се одржува врската на далечина, посебно на почетокот?
Мене ми беше претешко, зашто јас се заљубив одма.
Сакав да го видам, а далеку е, плус на работа, па чекам викенд да дојде за да отидам кај него или тој тука.
Беше мачење, зашто на почеток си и сакаш да бидеш со човекот што го сакаш, а 5 дена до викенд ми беа ко 5 години.
И тој сфати дека тоа не е така лесно, дека не функционира, па така природно и дојде поканата за заедничко живеење.
Види, јас бев среќна, ми беше убаво, ама ми беше многу долго да сум без него преку недела. Си мислев - мојот живот сега нема смисла, што ќе правам.
Сега звучи смешно, ама тогаш стварно ми беше многу тешко.
И така функциониравме 7-8 месеци пред да се преселам.
Тој ме праша дали сакам тој да се пресели во Скопје или јас да одам во Солун. Лукас беше спремен да дојде тука, да се пресели поради мене.
Спомна дека учиш грчки. Како ти оди?
Првата година зборував на англиски. Но сфатив дека ако не зборуваш грчки, локалците многу тешко те прифаќаат, посебно во Солун, а нели, тука е и фактот што јас доаѓам од Македонија.
Немаат сите проблем со тоа, но се чувствува таа бариера кај луѓето.
Да не ме разберат сега погрешно, тоа никогаш не се случило со нашите пријатели.
Но Грците си сакаат така да им кажеш нешто на грчки, иако зборуваат англиски.
Инаку на почетокот слушав, запишував зборови, ама сега ќе се запишам на курс за да почнам да сврзувам реченици, да учам повеќе.