Полина Тасева: „Во битолското кабаре се пронајдов себеси, секое излегување на сцената е нов предизвик“
Си вежбала балет како мала, но и си глумела во претставата „Петар Пан“? Раскажи ми малку за тоа време...
Точно, од балетот започна мојата љубов кон класичната уметност.
Од мала бев растена со класична музика и препознавање на различни музички стилови и танци.
Во балетското студио „Ту-Ту“ под водство на примабалерината Ирена Лозинска, шест години активно играв класичен, модерен и џез балет.
„Петар Пан“ во тоа време беше најпопуларната детска балетска претстава, која долг период ја игравме секоја недела во Драмскиот Театар во Скопје поради големата заинтересираност на публиката.
Улогата на Венди ми припадна мене и оттогаш ми е еден од омилените цртани ликови.
Балетот го напуштив со голема жал, но секогаш е во мене и со гордост зборувам за него.
Веднаш потоа продолжив со нижото музичко училиште и изучување на пијано.
Како дете не можеш да донесеш правилна одлука што точно сакаш да бидеш цел живот, но со помош на моите родители и многу разговори, ја донесов вистинската одлука балетот да остане моја прва љубов, а музиката моето природно изразување.
Малкумина знаат дека сакаш да црташ и дека цртањето ти оди одлично. Што ти е инспирација? Имаш ли време за цртање?
Цртам од најмала возраст, и тоа беше една од желбите за мојата иднина и професија.
Имав тон тетратки, бели листови за принтање и моливи од сите можни видови.
И сега со возбуда се сеќавам на моментите кога ќе седнев подготвена во моето катче и ќе почнев да цртам тоа што сакам да го видам во живо некогаш.
Најчесто беа живописни пејзажи и портрети од девојки на кои јас им давав име, по мое.
Пеперутките ми беа заштитен знак и инспирација, а целата соба ми беше со секакви креации и видови на пеперутки.
Последно, најмногу ликовно се изразував за време на ковид пандемијата, кога изработував обележувачи за книги и цртав слики - претежно пејзажи во мал формат во акварел техника.
Сликањето е огромно задоволство што најмногу го разбираат тие што се занимаваат со ликовната уметност или го имаат за хоби, како мене.
Има ли приказна зад твоето име? Што значи Полина?
Да, има приказна и повеќе значења помеѓу словенските православни народи.
Кај нас во Македонија името Полина потекнува од името на градот Полин, односно како што сите денес го знаеме нашиот преубав Дојран.
Долината на Дојранското Езеро била населена уште од 5 век п.н.е.
За време на Филип Втори и Александар Македонски веќе постоел распространет антички град, а подоцна кога Римјаните навлегле на Балканот, бил познат град тврдина по името Тауријан.
За време на Византискиот период, односно на почеток на 9 век, градот бил зафатен од епидемија на колера и поради тоа бил преместен малку подолу на југ.
Новиот град добива и ново име, Полин, под влијание на словенското наречје. Тој бил многу развиен и значаен град со својата местоположба во тоа време.
Со доаѓањето на Турците Османлии на овие простори, во 14 век го добива третото име - Дојран.
Затоа со гордост го носам името Полина.
Исто така, моето име се среќава често кај рускиот народ.
Кај Русите има свое значење и тие го опишуваат името со овие карактеристики: Полина е ликот на кристално чиста жена, споредлива со диво цвеќе.
Грижата ѝ е доволна за неколку генерации. Млада, убава, негувана, без разлика на возраста, таа само цвета со текот на годините.
Најчесто, е креативна личност, па е поблиска до професиите на уметник, актерка, пејачка или писателка.
Овде таа безрезервно дава сè од себе - ефикасна, прибрана, мирна и совесна.
Кој е твојот следен предизвик?
Подготвена сум за следните предизвици какви и да се!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Приватна архива