Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа најдолгите во животот“

Велите дека пријатели ви се луѓе кои произведуваат вино. Какво вино ви е омилено?

Јас и самиот произведувам свое вино и шампањско, но многу мал дел од тоа е комерцијално, скоро ништо не е јавно. Повеќе е за некој мој мерак.

Јас многу сакам да пијам вино. Музиката ми е италијанска, но што се однесува до виното, тука сум „француски тип“.

Сакам да пијам вино во сите добри пригоди. Ги сакам и црните и белите вина. И во Македонија има неколку винарии кои се по мој вкус, а се фантастични.

Многу луѓе ми велат дека треба да почнам да го продавам виното што го произведувам, да го направам тоа на едно повисоко ниво.

Но, некако не стигнувам, не успевам да дадам 100% од себе во тоа, бидејќи сум и по 250 дена на пат.

Дали е вистина дека бевте на настап во Охрид кога се роди ќерката Алба? Се сеќавате ли на првиот момент кога ја видовте?

Мора да кажам дека тоа беше еден од потешките денови во мојот живот. Ноќта пред да се породи Хана, ми се јави од нашиот дом. Разменивме неколку реченици, си пративме бакнежи и јас си легнав.

Следното утро кога се разбудив околу 9 часот, видов дека имам порака од Хана и знаев дека нешто се случува.

За среќа, таа е мирен тип, па ми напишала дека сè е во ред и дека е во болница, да не се грижам.

Јас бев во мало бунило, под стрес, веднаш седнав во автомобилот па возев 2 часа до Скопје, таму чекав авион, па летав до Загреб, па пак влегов во автомобил и возев до Сплит. Тој ден непланирано патував 10 часа.

Се сеќавам, беше 11 навечер кога дојдов во болницата. Таму, во тивкиот ходник ме пречекаа сестрите ѝ ми кажаа дека сè поминало одлично.

Сопругата не можев да ја видам, но ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: „Ова бебе што плаче најмногу, кое има најгласно грло, тоа бебе е ваше“.

Ми дадоа да ја земам во раце и оттогаш почна една магија која знам дека ќе трае до крајот на мојот живот.

petar-grasho-za-crnobelo-koga-se-rodi-alba-bev-vo-ohrid-tie-10-chasa-dodeka-patuvav-do-doma-mi-bea-najdolgite-vo-zhivotot-10.jpg

Ќерката Алба малку потпорасна и претпоставувам веќе зборува, ве разбира. Дали ѝ пеете ваши песни или приспивни песнички?

Таа покажува застрашувачки талент за музика. Од својот 9-ти месец пее некои мелодии, што не е вообичаено за толку мало дете да фаќа тоналитети. Мајка ѝ е задолжена за заспивање, таа ѝ пее приспивни песни.

Хана пред неколку месеци објави 3 приспивни песни…

Да, да, таа до сега има снимено три песнички кои се објавени на нејзиниот канал на Јутјуб, а наскоро ќе има и други.

Јас не сакам многу да ја фалам јавно, знаете како викаат, Далматинците не треба јавно да си ги фалат сопругите, па ќе останам доследен на тоа, но ќе кажам дека е одлична. Таа е инаку магистер по класична музика, по композиција.

Која ви е најубавата работа поврзана со татковството?

Мојот живот е врзан за патувања, аеродроми, патишта. Па кога сум дома сакам да се одморам и да се посветам на работите што ме исполнуваат.

Многу сакам да готвам, јас сум тип што нема проблем да зготви ручек, вечера, да среди нешто низ дома.

Така што, јас сум повеќе за овие дневни активности, и ѝ помагам на Хана за сè што треба во текот на денот, а таа се грижи за Алба ноќе и ги презема обврските околу неа.

Не можам да одвојам една најубава работа.

Спомнавте дека готвите. Што ви е специјалитет?

Имајќи предвид дека долги години имав ресторан, а освен музичкото училиште имам завршено и угостителско, мора да бидам нескромен и да речам дека многу добро готвам.

Глупаво би било да сум скромен, па иако не сум професионален готвач, сепак сум многу блиску до тоа.

А готвам сè – од риба и суши, до скара и сарми, полнети пиперки, октопод на ражен, јагнешко печење…

petar-grasho-za-crnobelo-koga-se-rodi-alba-bev-vo-ohrid-tie-10-chasa-dodeka-patuvav-do-doma-mi-bea-najdolgite-vo-zhivotot-05.jpg

Важите за маж со одличен стил. Кои ви се омилените парчиња облека?

Да можам, јас секогаш би се облекувал вака – црни фармерки, маица или кошула, црни патики и можеби ленено сако.

Имам среќа што соработувам со врвни стилисти и луѓе кои создаваат врвни костуми, па тие ми сугерираат што да облечам. Одам, пробувам 10 костуми за 20 минути и завршувам со тоа.

А приватно, во плакарот имам 15 пара фармерки, 40 бели маички и 40 црни маички и 10 пара добри патики. Јас сум едноставен тип.

Дали сте од оние мажи што го негуваат лицето или сапун и вода ви се доволни?

Сапун, вода и некој лесeн крем за хидратација, бидејќи имам брада па знае кожата малку да ми се лупи.

Кај мене и подготовките за излегување траат најмногу 10 минути, и тоа кога е нешто многу важно.

petar-grasho-za-crnobelo-koga-se-rodi-alba-bev-vo-ohrid-tie-10-chasa-dodeka-patuvav-do-doma-mi-bea-najdolgite-vo-zhivotot-06.jpg

Дали може наскоро да очекуваме и нов албум?

Работам на нови песни со Тончи и се надевам дека за неколку месеци ќе биде готов новиот материјал и ќе го промовираме албумот.

Дали ја слушнавте песната на Бејби Лазања што ќе ја претставува Хрватска на Евровизија? Што мислите за неа?

Песната ми ја посочи Тончи уште пред изборот и мора да кажам дека е многу интересна, има потенцијал. Тој, пак, е многу интересен дечко. 

Слушам дека е прв на обложувалниците, но поважно е добро да се претстави. Не е важен пласманот.

petar-grasho-za-crnobelo-koga-se-rodi-alba-bev-vo-ohrid-tie-10-chasa-dodeka-patuvav-do-doma-mi-bea-najdolgite-vo-zhivotot-08.jpg

Зошто никогаш досега не пеевте вие на Евросонг? Дали би сакале да ја претставувате Хрватска?

Јас на почетокот на мојата кариера неколкупати пеев на Дора, каде што се избира домашниот претставник, и бев неколкупати втор. Таму дури и Оливер Драгојевиќ пееше моја песна.

Јас и го видов Евросонг одблизу, ја напишав песната „Neka mi ne svane“ на Данијела Мартиновиќ, која е избрана меѓу 10-те најпопуларни песни на Евросонг на сите времиња, а е седма.

Мислам дека би ми бил преголем стрес да се натпреварувам прво на Дора, па потоа на Евросонг, па дали ќе влезам во финале. Преголем притисок е. Животот ми е убав и без тоа.

Останувате уште малку во Скопје, освен прес турата, како ќе го поминете денот… Што сакате да правите кога сте тука?

Го сакам Скопје, тука имам драги пријатели. Па кога не свирам, кога имам ден пауза, одам да се видам со нив.

Меѓу пријателите е и Перо Мрзенци кој има своја кафеана и каде што уживам во македонските специјалитети и вина.

А остатокот од времето е во прошетка на моите омилени места.

petar-grasho-za-crnobelo-koga-se-rodi-alba-bev-vo-ohrid-tie-10-chasa-dodeka-patuvav-do-doma-mi-bea-najdolgite-vo-zhivotot-09.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. 

А. Ј. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Вирџинија од Скопје е девојка со уникатен моден стил – шарени стајлинзи, сина коса и нокти во сите б... „Косата ми е сина веќе 7 години и е ‘морето во мене’. Облекувањето за мене е заб...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Милица Павловиќ за CRNOBELO: „Немам емотивен партнер, можеби Македонец ми е судбина“ „Да не беа моите баба и дедо, немаше да сум толку решителна. Нивните крилја ми б...
Саша Матиќ за CRNOBELO: „Кога сопругата не е дома, со ќерките секогаш правиме ‘фешта’“ „Сите овие години балансирам меѓу семејството и музиката. Се навикнаа и тие и ја...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg