Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги глумам“
Неодамна признавте дека сте биле живо дете, сте правеле бељи... Ви веруваат ли луѓето кога ќе им кажете дека сте се тепале?
Ми веруваат, како не, особено моите соработници во театарот.
Тие знаат дека јас ги движам работите. Кога сум во театарот, особено кога играме мјузикли, сите се пофокусирани, бидејќи знаат дека штом сум јас таму, ќе мора да дадат 100%, а не да ја завршат работата тукутака.
Кога сум јас таму, сè мора да е „под конец“.
Јас имам таков темперамент. Мојата младешка природа која беше потемпераментна, понемирна, се слеа во мојата актерска природа.
И јас сега целиот тој темперамент го манифестирам преку глумата за да можам да бидам мирен во животот.
Која е некоја најголема беља што сте ја направиле како мал?
Уф, која да ја исфаворизирам во моментов? На шест години добив брат, ама многу сакав сестра.
Моите родители ми велеа дека ќе добијам сестра, Ружица, и јас девет месеци низ стомакот ѝ се обраќав на Ружица, ѝ ветував дека ќе бидам добар брат и ќе ја чувам, ќе ја штитам. И одеднаш тие донесоа некојси ќелав Драган.
Многу се разочарав и во еден момент, кога останав сам со бебето, со виолетов фломастер му нацртав коса, шишки преку очите, долги кадрици преку пола грб.
Кога мајка ми виде, се шокира, не можеше да го избрише фломастерот.
Па кога го носеше на првите прегледи на педијатар, ме водеше и мене за јас да му кажам на лекарот дека цртав по брат ми, да не биде дека бебето е малтретирано.
Јас стварно сакав од него да направам Ружица, ама сега не би го менувал мојот Драган ни за три Ружици.
Колку е слична ќерката Нина со вас карактерно? Или повеќе „влече“ на Јелена?
Нина е баш своја. Има нешто од Јелена, нешто од мене, ама се развива во свој правец. Има интересен карактер.
Има 12 години, но веќе се гледа дека може да биде смирена, фокусирана, исклучително нежна, а притоа и борбена кога е тоа потребно. Жената денес мора да има малку машка сила за да се избори во овој свет.
Е, сето тоа го гледам кај неа. Уметнички е надарена и тоа ми се допаѓа.
Па, без оглед дали ќе реши да се занимава со уметност професионално, или само како хоби, мислам дека тоа ќе биде убаво, а Јелена и јас ја учиме да ги развива сите свои таленти.
Но, поради карактерот, мислам дека ќе работи со луѓе. Ги сака луѓето и ги разбира.
Со Јелена знаете да си испратите по некоја љубовна порака јавно, кога си честитате годишнина или роденден. Кој е поромантичен?
Јелка е поромантична. Таа мене ме учеше како да бидам романтичен, без оглед на романтичните улоги што ги имав.
Во животот, само жената може да го научи мажот на таа здрава романтика, вистинска нежност, добра љубов.
Жените тоа не смеат да го заборават, дека тоа им е на некој начин задача - да го научат мажот на финеси.
Не да прават од мажот другар, туку да го научат како да биде нежен секој ден.
Јас тоа го научив од сопругата, но и од ќерката. Кога сте татко на женско дете, тогаш неминовно сведочите како пред вас се создава еден женски свет.
Да имав син, мислам дека никогаш немаше да го запознам толку добро женскиот свет.
Мислам дека публиката уште чека некој дует меѓу вас и Јелена... Ќе се случи ли некогаш?
Ние чекаме некоја вистинска песна што ќе ни одговара на двајцата. Но, полека почнавме да се вкрстуваме на сцената.
Јелка се лути на мене постојано, а доаѓа често на моите концерти, многу ја сака оваа претстава.
Па, кога ќе ја видам во петтиот ред, јас слегувам во публиката, ѝ го давам микрофонот и таа сакала или не, мора да стане и да пее.
Потоа постојано ме критикува: „Зошто ми го правиш тоа, не бев средена“, а јас ѝ велам: „Каков ти е гласот, ти секогаш блескаш“. Средена или не, таа е секогаш преубава.
Така што, ако дојде вистинската песна, тоа би било навистина убаво.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Инстаграм