Јован и Никола имаат бурекчилница во Австралија: „Продаваме скоро 30 вкусови на бурек, ама најбарани се со месо и сирење“
- Детали
- вторник, 02 јануари 2024
„Бизнисот го наследивме од прадедо ни. Имаме многу популарни вкусови надвор од нашите македонски класики, а како едни од најпопуларните се Lasagna Burek, Vegan Burek, но и Нутела мазник за десерт. Цената овде е 8.5 австралиски долари за 1⁄4 бурек (околу 320 денари)“, вели Јован, еден од двајцата браќа кои веќе пет години го прават најдобриот бурек во Австралија.
Јован и Никола Радевски се двајца браќа, родум од Битола, а занаетот за правење бурек им е дар од прадедото. Нивната бурекџилница во Нов Јужен Велс во далечната Австралија е семеен бизнис со над 30 вкусови на буреци и мазници, а најбарани се со месо и сирење.
Постариот брат Јован за CRNOBELO.com раскажува за бизнисот кој почнал како семеен, но поради успешноста и големата побарувачка, сега имаат пет вработени.
Тој вели дека тие се сложни браќа кои работат и ќе продолжат да работат заедно, но не ни откриваат кој е подобар мајстор за бурек.
Јован е роден во Битола, и со само една година тој и неговото семејство се преселиле во Австралија, а Никола е роден таму, четири години подоцна. Неколку години живееле во Битола, каде Јован завршил педагошки факултет, а Никола - гимназија.
Мајсторијата за вкусен бурек ја наследуваат од прадедо им, кој бил мајстор на ниво на поранешна Југославија.
Во нивната бурекџилница The Burek Brothers & Co, како што вели Јован, се служи, македонски бурек по рецепт кој се пренесувал со години во нивната фамилија, од генерација на генерација. Тој вели тајната на вкусниот бурек, прво е квалитетот на мајсторот, потоа во квалитетот на состојките, и секако сето тоа да се замеси и сработи со многу љубов.
Прочитајте повеќе за оваа македонска фамилија која со децении наназад успешно ја негува традицијата на буреци и мазници:
Дали може да ја раскажете вашата историја и вашата приказна со бурекот?
Ние сме двајца сложни браќа што отсекогаш работеле заедно и така ќе остане. Нашиот прадедо, Божин Радевски, беше роден во село Бабино, општина Демир Хисар негде 1903 година и беше основач на традицијата за правење бурек во нашата фамилија.
Тој како дете од само 12 години, по наредба од татко му, го напуштил Бабино и отишол во Битола да работи за некој пријател на татко му. Едноставно, морал уште од млади години да се снаоѓа во животот.
Живеел и работел низ целата поранешна Југославија дури не го научил занаетот за правење бурек. Од кој точно го научил, за жал не се знае. Тоа беше почетокот на неговата одисеја како бурекчија со траење повеќе од 50 години.
По некое време, тој се нашол во Загреб каде што се одлучил да живее и работи. Тука постигна голем успех каде отвори 2 дуќана и каде што земаше деца од село Црнец (каде купил имот и живееше во Македонија дури беше таму) и ги учеше да прават бурек. Значи од бурекчија станал бизнисмен, или во модерно време entrepreneur.
Нашиот татко Ристо Радевски е роден во село Црнец во 1958 г. Тој учеше гимназија во Битола каде што живеел со неговата фамилија. Се запиша на електротехнички факултет во Загреб во 1976 година каде што престојувал кај неговиот дедо Божин.
Покрај факултетот, тој го научил занаетот на правење бурек од дедо му. Тоа се случило сосема случајно бидејќи неговиот татко Александар (син на Божин) беше наставник и не беше очекувано занаетот да го научи.
И така занаетот го запамти, но никогаш не можел да предвиди кога и каде ќе го искористи! Дипломирал и работел по неговата струка откако се врати во Битола сè до 1991 година.
По распаѓањето на Југославија, тој одлучил дека живот во Македонија за него нема и се решил да се пресели во Австралија. Тука продолжил да работи по струка до 2002 година, кога се одлучил, по 26 години откако го научил, да го искористи својот втор занает - правење бурек.
Тој дуќан се викаше „Пела Бурек“. Како што беше Пела главен град на Античка Македонија, тој замислил „Пела Бурек“ да биде главна бурекчилница во цела Австралија и тоа го оствари.
Тука стапивме за првпат во контакт со занаетот јас и брат ми. Јас, Јован, имав 14 години, а брат ми Никола, 9. „Пела Бурек“ постоеше од 2002-2011 година. Тука го научивме и усовршивме занаетот, но до ден-денес се трудиме се повеќе и повеќе да го усовршуваме.
Идејата за да го отвориме својот бизнис се роди негде 2016/17 година. После многу труд и мака се отвори „The Burek Brothers & Co“ во септември 2018 година. Оттогаш сè повеќе и повеќе расте бизнисот и фала му на Бога си работиме сложно и успешно.
Како се роди идејата за The Burek Brothers, македонска бурекчилница во Австралија?
Јас и брат ми сме луѓе што си го сакаат својот занает и што сакаат да пренесуваат дел од нашата богата традиција кај секој којшто ќе купи бурек од нас.
Нашиот целокупен концепт на работење е да го пренесеме најубавиот македонски бурек за нашите муштерии, не само Македонци, туку од цела поранешна Југославија, како и Австралијци и многу различни нации што ни го посетуваат дуќанот. Со цел да им прикажеме за нашата приказна, за нашиот бурек и за нашата земја.
Многупати нè прашуваат „од каде е оваа храна“, а ние со гордост велиме Македонија, па некои ни велат „нели бурекот е турски“, а ние им враќаме „може и да е, но овој бурек моментално што го држите е македонска школа, родена во Бабино и пренесена од генерација на генерација во македонска фамилија!“
Јас и брат ми сме 4-та генерација!
Кој главниот мајстор за бурек?
Ова е добро „трик прашање“, ама нема да го одговориме.