Светскиот шампион во танц Анди Исмаили (14): „Наставничка ме исмеваше јавно, најдов начин да се справам со хејтерите“
Во една пригода кажа дека дури и некоја твоја учителка те исмевала поради твоето танцување. Ако можеш, што би ѝ порачал денес јавно?
Да, точно е дека учителка ме исмеваше.
Но, нема да ѝ дозволам да ми ги земе радоста и сјајот што го носам и нема да продолжам да зборувам за тоа, бидејќи на тој начин ѝ давам внимание какво што немала никогаш во својата кариера.
И да можев да ѝ кажам нешто јавно - не би ѝ кажал ништо.
Велат, талентот зборува сам за себе. А јас за среќа, најдов начин да ги игнорирам луѓето кои се полни со несигурност, познати како „хејтери“.
Дали танцувањето влијае на твоите оценки?
Танцувањето и учењето тешко се балансираат, но се трудам максимално да се вложам во двете сфери.
И би сакал да им се заблагодарам на професорите во моето училиште бидејќи тие ја разбираат мојата кариера и направија многу за мене, со оглед на фактот што многупати сум пропуштил часови.
Ти си четирикратен светски шампион во балет. Какво е чувството со сите овие титули и дали повторно би се натпреварувал?
Да се биде четирикратен светски шампион ми значи премногу, тоа е повеќе од титула.
Тоа е нешто што ќе го паметам додека сум жив.
И се разбира, ќе се натпреварувам и никогаш нема да се откажам додека не испишам историја.
Јас го освоив светскиот шампионат во 2019, 2021 и во 2022 година, кога се натпреварував во две категории и ги освоив двете титули.
Колку часа во текот на денот вежбаш?
Вежбам 4-5 часа на ден преку недела, секогаш после часови.
А за викенди вежбам по цел ден.
Сè уште си многу млад, но дали се гледаш себеси на некоја голема светска сцена? Кој ти е најголемиот професионален сон?
Мојот најголем сон е да живеам некаде во САД, да танцувам и да глумам во исто време.
Освен што сум танчар, јас сум и актер, а глумата е исто така моја страст.
Сакам да глумам и да танцувам, бидејќи луѓето се трогнати и емотивни по моите настапи.
Јас глумам кога танцувам, нема танц без глума и нема глума без танцување.
Кажи ми малку за твојот личен живот - каде одиш на училиште, имаш ли браќа и сестри, што правиш за забава?
Учам во гимназија во Гостивар, во прва година.
Максимално се трудам да бидам неверојатен во училиштето исто како што сум во танцот.
А браќа и сестри немам, за жал.
Со оглед на тоа што е скоро Нова година, што би си посакал за 2024-та?
Јас само се надевам дека 2024 година ќе биде добра со сите нас!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело