Светскиот шампион во танц Анди Исмаили (14): „Наставничка ме исмеваше јавно, најдов начин да се справам со хејтерите“
- Детали
- петок, 15 декември 2023
„Учителка ме исмеваше за моето танцување, но веќе нема да ѝ дозволам да ми ги зема радоста и сјајот што ги носам. Да можев да ѝ кажам нешто јавно - не би ѝ кажал ништо. Велат, талентот зборува сам за себе, а јас најдов начин да ги игнорирам ‘хејтерите’“, вели светскиот шампион во танц, гостиварецот Анди Исмаили (14).
Анди Исмаили од Гостивар е вистинска ѕвезда со суперталент - тој танцува како да лебди. На само 14 години веќе има 4 светски шампионски титули во модерен балет, но не запира тука.
Во моментов се натпреварува во хрватското шоу Supertalent, каде што пред само неколку дена влезе во финалето.
За CRNOBELO.com, Анди вели дека се надева дека ќе ја освои титулата, но и дека ќе продолжи да се натпреварува на светските натпревари во модерен балет бидејќи сака да испише историја со своето танцување.
Но, во интервјуто зборувавме и за поддршката од родителите, светските титули, булингот со кој се соочувал откако почнал да танцува, и тоа не само од своите врсници, туку и од учителите:
Крена голема прашина со твоето танцување во шоуто Supertalent во Хрватска, до толку што неколкупати ги расплакуваше членовите на жирито. Очекуваше ли ваква силна реакција од нивна страна?
Да бидам искрен, очекував таква реакција од сите нив, бидејќи ги оставив мојата крв, пот и солзи во танцувањето, особено во последната кореографија за Skyfall.
Јас како танчар сум перфекционист, но морам да кажам дека немаше ништо поврзано со мојот последен настап што би можел да го искритикувам и да му најдам мана.
Јас сум горд на самиот себе.
А, како се чувствуваше ти на сцената додека танцуваше?
Сум учествувал на толку многу натпревари во мојот живот, но никогаш не сум се чувствувал како што се чувствувам кога играм во Supertalent - волшебно.
Натпреварот е при крај, големото финале е наскоро. Искрено, очекуваш ли да победиш?
Да, има голема шанса да бидам победник оваа сезона, со оглед на фактот што стекнав многу фанови и имам поддршка од одличната публика овде во Хрватска.
Тие ме мотивираа многу со нивните убави зборови и со сите нивни комплименти.
Кога првпат почна да танцуваш? Како се заљуби во балетот?
Почнав да танцувам во декември 2017 година.
Тоа се случи на најспонтан можен начин, бидејќи моите мали братучетки одеа на балет за забава. Јас отидов како гостин, да видам што прават и веднаш се заљубив.
Љубов на прв поглед, би рекол.
Дали твоите родители ти дадоа целосна поддршка од самиот почеток? Дали се горди на тебе и работите што ги постигна досега?
Моите родители се толку неверојатно горди на мене, што сум им многу благодарен.
Не е лесно за родителот да го води своето дете низ целиот свет на натпревари, а моите родители го направија токму тоа.
Не можам да им бидам поблагодарен на мајка ми и татко ми.
И покрај поддршката од родителите, сепак не криеш дека си бил жртва на булинг поради тоа што танцуваш...
Ме малтретираа од самиот почеток, уште кога ги почнував први чекори во светот на танцот.
Но, сега им покажав на луѓето „од што сум направен“ и колку сум добар.
Одамна не сум слушнал лош коментар.