Барбара Поповиќ за CRNOBELО: „Имам италијански корени, ќе пеам на Сан Ремо“
Како би се опишала себеси во 3 збора за некој што не те знае (или те праша на прв состанок)?
Многу е тешко да се опишам себеси во три збора за човек што не ме познава.
И да кажам, нема да ме разбере, бидејќи јас имам бариера кон луѓето што не ги познавам.
Не сакам многу нови познанства, повеќе од доволни ми се луѓето што се во мојот живот.
Но, ако морам, тоа би биле: упорна, бунтовна и одговорна.
Ти ги пееше македонската и италијанската химна на натпреварот Македонија – Италија, па најде можност да се фотографираш и со Џиџи Буфон. Разменивте ли некој збор, каков впечаток ти остави?
Италијанската химна ја пеев и во 2016 година кога имав прилика да запознаам и да се фотографирам со неколкумина од нив, но не и со Џиџи.
Оваа година, иако не ми беше дозволено, сама му пријдов и многу топло ме прифати.
Пред сè тој е еден голем човек, чиста душа и голема легенда.
Пресреќна сум што имав можност да го доживеам тоа.
Да пееш химни од земјата каде што си родена и земјата од каде што потекнуваш е чест и огромно задоволство.
Татко ми е со италијанско потекло, но јас не ја сакам италијанската храна, ниту пак би живеела таму.
Дали си фудбалски фан? И искрено, за кого навиваше на тој натпревар?
Сум фудбалски фан, но само кога игра Juventus, Италија како репрезентација и, нормално, мојата држава Македонија.
А кога играат Италија и Македонија, навивам буквално за тој што ќе победи.
Дали е вистина дека ќе пееш на Сан Ремо?
99% е сигурно, сè е средено, испланирано е да се оди.
Сè е средено освен договорот кој треба да се потпише.
Не знам колку публиката се сеќава дека пееше на Јуниорскиот Евросонг, но и дека заврши последна. Во тоа време, те обесхрабри ли ова или ти даде мотив да бидеш подобра во иднина?
Јуниорската Евровизија не ме охрабри да бидам подобра во иднина - ме охрабри мојата фамилија, моите пријатели и Дарко.
Што носи иднината за Барбара?
Иднината за мене не носи, јас неа ѝ носам, се надевам среќна и убава фамилија којашто ќе ја создадам и музика која ќе ја твориме јас, Дарко Димитров, Лазар Цветкоски и Роберт Билбилов.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело