Д-р Денис Ал Кхалили, педијатар: „Нелекуваните инфекции може да предизвикаат предвремено породување, доењето е препорачано“
Која е улогата на родителите додека бебето се наоѓа во неонатална интензивна нега? (Дали на мајката ѝ е дозволено да го пресоблече бебето, да му смени пелена итн.)
На мајката ѝ на таткото треба да им биде дозволено да го кенгурираат бебето веднаш по раѓањето. Ако мајката не е во можност, тоа го прави таткото, кој го држи бебето на своите гради.
Акушерката е таа која се грижи овој процес да се спроведе лесно и без компликации. Во текот на долгото лекување, родителите треба да имаат секојдневно можност не само за посета, туку да бидат подолго во болницата, да се грижат за своето бебе, да разговараат секојдневно со медицинскиот персонал.
Единствено на тој начин родителите може да бидат смирени, психолошки стабилни и задоволни од лекувањето на нивното бебе. Лично како професионалец и во име на организацијата „Лулка“, сметам дека борбата за живот на предвреме родените бебиња е заедничка, родителите и медицинскиот персонал се партнери во овој процес, а довербата и комуникацијата се клучни.
Кои испитувања се прават пред да се дозволи едно бебе да го напушти одделот за неонатална интензивна нега? Што е пресудно за да може бебето да си оди дома?
Пресудни се севкупната здравствена состојба, тежината на бебето, стабилноста на виталните функции (како дишење, работата на срцето), исхраната и многу други параметри.
Кои се главните совети што им се даваат на родителите кога си заминуваат од неонаталната интензивна нега?
Ако ги прашате родителите, никогаш не им се доволно информации.
Тоа е така бидејќи се работи за нивното бебе, на кое секој родител му посакува и замислува сè најубаво.
Кога ќе си отидат дома со бебе од 2 килограми, после лекување од еден, два или три месеци, родителите се под голем психички притисок, а психолошката поддршка, како во текот на престојот во болница, така и по исписот е повеќе од потребна.
Кои совети би им ги дале на мајките за да се спречи предвремено породување. На што треба најмногу да внимаваат?
Да одат редовно на преглед, да не се заморуваат премногу, да ги знаат ризиците со кои е оптоварена нивната бременост и тоа да го потенцираат секогаш кога одат на преглед.
На пример, ако мајката претходно имала ризична бременост, предвремено породување, скратено грло на матката, абортус, ако се работи за ин-витро оплодување, многу често тоа може да се повтори во следната бременост која може да заврши порано.
Важно е одржувањето на нормална комуникација помеѓу партнерите и со други родители кои имаат предвреме родено бебе, пред и по породувањето.
Особено важно е да се бара и да се воспостави добра комуникација со докторите и сестрите кои работат на одделите за перинатологија, одделенијата за неонатална интензивна нега, подоцна и со сите медицински лица кои се задолжени за следење, лекување и рехабилитација на детето.
Како се одбележa годинава Светскиот ден на предвремено родени деца?
Се радувам што сѐ повеќе и поинтензивно се одбележува Светскиот ден на предвремено родените бебиња 17-ти ноември и во Македонија.
Оваа година синхронизирано со целиот свет организацијата „Лулка“ ги пренесе пораките за тоа колку важни и клучни се родителите во текот на престојот на предвреме родените бебиња во неонатална интензивна нега.
Пораката е јасна и недвосмислена, испратена од СЗО, а раширена од страна на сите организации кои работат со овие семејства: кенгурирање веднаш по раѓањето, со мајката или таткото, за сите предвреме родени бебиња, освен оние кои треба да се интубираат, за кои кенгурирањето е задолжително по кратка стабилизација.
Оваа година, за таа цел Организацијата „Лулка“ донира 50 специјални појаси за кенгурирање на семејствата кои имаат предвреме родено бебе.
Досега се поделени околу половина, но секој ден се јавува ново семејство кое добива ваков појас. Со тоа директно им помагаме и на бебињата и на родителите.
Оваа донација е овозможена и реализирана во соработка со ИТ компанијата „Мелон-Тек“ и компанијата за медицинска опрема „Хипомед“ од Скопје.
Се одржа и стручен состанок на Здружението на неонатолози на Македонија во Хотел Хилтон, со предавање за кенгурирањето кое го одржа мојата ценета колешка д-р Рената Димитриоска.
Тоа покажува дека работите се движат и понатаму ќе се движат во правилна насока.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com