Анде Јанков, автор на крими романи: „Скопје го претставувам што е можно пореално, пишувањето насилни сцени е тешко“
- Детали
- среда, 13 декември 2023
„Привилегијата да сум меѓу првите македонски автори на крими-романи е нешто што ми претставува посебна чест. Преку книгите го отсликувам она што е гнило во нашето општество, но и посочувам како може да се промени на подобро“, вели Анде Јанков, македонски автор на крими романи чие дејство во голема мера е сместено во Скопје.
Анде Јанков е еден од ретките писатели на крими романи во Македонија. Неговите книги се показател дека и кај нас има публика за овој жанр. Неговиот серијал за Виктор Николов – главен инспектор на Одделот за крвни и сексуални деликти во МВР ги остава читателите без спиење.
По „Едно лето на Крит“, „Виенски гамбит“, „Сигурен ризик“ и „Само Бог простува“, наскоро очекуваме нова книга од серијалот.
Во продолжение следува разговор со Анде кој ни открива што се крие зад неговите напнати приказни сместени во Скопје и ликовите кои се соочуваат со различни морални дилеми.
Анде имаш објавено четири романи, а веќе петтиот е при крај. Важиш за еден од ретките автори на крими романи кај нас – што значи да се биде автор на тој жанр во Македонија?
Привилегијата да сум меѓу првите (ретки, за среќа, повеќе не), автори на крими романи, е нешто што ми претставува посебна чест. Од една страна, се покажа дека постои публика којашто сака да чита ваква литература од домашни автори.
Од друга страна, пак, одговорноста е голема да се продолжи да се пишува и да се бутка овој жанр во уште позитивна насока, со оглед на тоа што веќе и други автори фаќаат приклучок и творат во овој жанр.
Знаеше ли додека ја пишуваше книгата „Виенски гамбит“, дека сè уште ќе ја раскажуваш приказната за Виктор Николов, и тоа со четврта која треба да излезе наскоро?
Знаев дека сакам да раскажам приказна за двајца браќа, дијаметрално спротивни ликови, кои ќе ја отсликаат моменталната реалност којашто ја живее обичниот Македонец.
Големиот интерес за делото само беше поттик да продолжам да пишувам нови делови во поголемата приказна.
Виктор Николов е главен инспектор на Одделот за крвни и сексуални деликти во МВР – колку преку ликот и неговото дејствување го отсликуваш македонското општество?
Шансата да се пишува за ликови коишто се дел од силите на редот и мирот секако дека е можност да се отслика она што е гнило во нашето општество, но и да се посочи како истото може да се промени на подобро.
Те има ли инспирирано некој брутален настан од црната хроника што се случил во Македонија?
Ништо конкретно, но секогаш има некои моменти кои влијаат на формирањето на главната приказна во секоја нова книга.
На пример, во претстоечкиот роман Кобајаши Мару, корона пандемијата и последиците од неа беа голема инспирација при самото формирање на скелетот.
Со какви морални предизвици го соочуваш главниот лик Виктор Николов со секое наредно продолжение?
Оние коишто досега ги читале моите романи, знаат дека една од главните теми кои се провлекуваат во моите книги е онаа дихотомија пред која е исправен секој еден човек: да се направи она што е добро за самите нас, или она што е морално исправно во една општа универзална смисла.
Голем дел од дејствијата во твоите романи се случува во Скопје, па како е претставен главниот град? Каква е атмосферата? Се разликува ли „Скопје од твоите книги“ од она Скопје што на сите ни е познато?
Се обидувам главниот град да го претставам колку што е можно пореално за нашите читатели. Секако, за да има одредена наративна мистерија, градот сепак има некаква квази-мистична улога.
Би рекол дека главниот град е претставен како некаква, можеби готамовска верзија на Скопје.
Тешко ли е да се пишуваат насилните сцени? Кој е најголемиот предизвик при нивното осмислување?
Секако дека не е едноставно, меѓутоа никогаш не тргнувам од тоа дека насилството и убиствата во моите романи треба да се експлицитни сами по себе. Тие секогаш треба да бидат во функција на развивање на приказната.
За кој сериски убиец до сега имаш најмногу истражувано и читано?
Заднинското истражување за сериски убијци ми беше најголем предизвик при пишувањето на „Само Бог простува“.
Секако тука истражував за некои од сериските убијци коишто се појавиле во Македонија од постоењето навака, како скопскиот Раскољников.
Тука некаде може да ставиме точка на разговорот. За што никогаш не би пишувал во твоите романи?
Ми се чини дека никогаш не би пишувал целосна комедија како жанр. Иако во моите романи се пројавува иронија и сарказам, сепак претежно тие се романи со сериозна тематика.
Но, никогаш не се знае, можеби и би се пробал… а можеби и, сепак, не.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело