Македонскиот фотограф Badstef: „Најтешко се работи со личности кои стекнале инстант слава, не трошам над 1.000 евра за облека“
Ти доаѓа ли некогаш да прекинеш фотосесија бидејќи немаш хемија со моделот, ниту пак можете да најдете заеднички јазик за да извадите добри фотки?
Секако да, сум бил во неколку такви ситуации, но мојата професионалност никогаш не го дозволила тоа да ја прекинам целата фотосесија.
Едноставно вложувам дупло повеќе енергија и напори да го покренам моделот и така ги оживувам.
Раскажи ни некоја забавна позитивна приказна од „фоткање“, но и некоја непријатност што си ја доживеал.
Непријатна случка неодамна беше со една наша позната водителка на вести, кампања за Канал 5 Телевизија каде што јас упорно ѝ го заборавав името, односно погрешно ѝ се обраќав и тоа предизвика солзи и смеа кај сите присутни на сет.
Мали непријатности од таков тип се случуваат, да погрешам име на модел и слично.
Додека позитивни интересни случки ги има премногу, обично кога фотографирам некаде во Европа на јавни места, односно на плоштад или некоја туристичка атракција, многу луѓе минувачи и туристи поминувајќи упатуваат ударни и драматични погледи кон нас, во смисла изненади и шокирани од стајлингот и изледот на моделите генерално.
Секогаш има интересни коментари и дофрлувања и изјави од таков некој тип, скоро секогаш симпатични, смешни и многу оригинални.
Неодамна беше дел од Модната недела во Милано, па освен како гостин, беше и фотограф... Што сè работеше? Што те воодушеви најмногу?
Модните недели во Милано се нешто што не се опишува и тоа се денови која најмалку спијам и се најдинамични во мојот живот. Да се присуствува на толку многу ревии дневно, да се стигне на сите локации, модни комбинации, фотосесии, состаноци, кампањи...
Некогаш звучи како филм, но во реалноста знае да биде баш напорно, но тоа чувство и тие денови не би ги менувал за ништо на светот.
Сите дизајнери секогаш ме одушевуваат одново и одново, но најмногу гостите и посетителите кои се таму со нивната енергија и креативноста во нивните комбинации.
Оваа последна сезона бев гостин на ревиите на John Richmond, Patrizia Pepe, Anna Kiki, Philip Plein и годишното шоу Emerging Talents од Милано кое беше групна изложба на 8 врвни балкански и ерменски дизајнери.
Воедно, правев и кампања за Philip Plein – најновата колекција пролет/лето 2024, за каталогот за неговите купувачи и диструбитери низ Европа.
Исто така, имам пригода да имам состанок со планетарно познатиот модел Bianca Balti и ја фотографирав глумицата Diana Genea која предизвика многу реакции и овации кај нејзината публика и нашата јавност.
Таму фотографирав два едиторијали со 3 различни модели од Малта, Русија и Грузија со неколку италијански дизајнери и стилисти - кои одвај чекам да ги обработам и споделам со сите вас наскоро во следните неколку месеци.
Од Милано дојде на Модниот фестивал Скопје... Колку имаат, според тебе, Македонците осет за мода и стил?
Разликата е дијаметрална, но сето тоа првенствено стои во економскиот и креативниот раст на самите индустрии и на самите држави, така да банално е воопшто да се зборува за разликите.
Тука, кај нас, многу ми е поинакво чувството бидејќи овде сум на свој терен и се познавам со сите гости и секогаш гледам драги луѓе и соработници.
Така што, поради тоа ми е многу поопуштена и лежерна атмосфера.
Од оваа сезона, тука кај нас лични фаворити ми беа неколку комбинации од најновите колекции на Ивана Кнез кои ги зедов да ги фотографирам за еден едиторијал во Солун.
И ти имаш впечатлив моден стил... Каде ја набавуваш облеката, колку трошиш на гардероба, кое е (и колку чини) најскапото парче облека во твојот плакар?
Ви благодарам многу! Купувам кај нас и во странство под еднакво исто.
Трошам дури премногу и мислам дека консумацијата на облека е голем проблем во светот и самата брза мода нè има направено такви, и многу тешко и скапо е да се води таков животен стил, како сите нас што сме присутни и фигурираме како било во модниот свет.
И самата Инстаграм „култура” нѐ принудува да сме секогаш облечени во различно и ново на сите патувања, на сите настани, случувања и слично што е навистина токсично, понекогаш невозможно, и преставува огромен трошок на месечно и годишно ниво.
Имам серија од неколку обувки, crossbody bags и pouch bags и очила за сонце и вид кои се поскапи, но се клучни парчиња за секојдневни комбинации, така да сето тоа е нешто што навистина го користам и е неизбежно да е квалитетно.
Имам правило кое било парче да не ја надминува цената од 1.000 евра, така што се држам до тој лимит (хахаха).
Постои ли некој македонски лик што би сакал да го фотографираш?
Имам остварено соработка скоро со сите пејачи, артисти, актери и модели од нашата сцена, но личности со кои сѐ уште немам соработувано, а мислам дека би било успешно се Каролина Гочева и Катарина Ивановска.
Повеќе фотографии во продолжение:
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
A. J. | Црнобело