Игор Стефановски - Иџе за татковството: „Никогаш не сум бил на родителска, ќерката повеќе личи на мене, оди со глава низ ѕид“
- Детали
- петок, 20 октомври 2023
„Со синот Олег разговарам отворено за сè и тоа ме радува. Неизбежно е на тие години да му се случи и првата љубов, првиот бакнеж, девојки, но сакам да биде спремен дека сето тоа може да му предизвика и разочарување“, вели Игор Стефановски Иџе за CRNOBELO.com и ни раскажа како се снаоѓа како татко.
Трикратниот шампион во автомобилизам во ридско-брзински трки, Игор Стефановски - Иџе, е татко на двајца тинејџери. Синот Олег има 15 години, а ќерката Нина 13.
Да се биде родител на тинејџери со себе носи голем предизвик, но во разговор за CRNOBELO.com, Иџе вели дека одлично се справува со разните ситуации, и покрај кариерата.
Но, среќен е што сопругата Емче го поддржува во тоа што го работи, а истовремено се грижи за децата кога тој е на пат бидејќи има трки.
Сепак, кога е дома, скоро цело време го поминуваат заедно и создаваат убави семејни спомени.
За тоа како се снаоѓа во улогата на татко, бил ли некогаш на родителска и кое дете има повеќе од неговиот карактер, ни раскажа во интервју за CRNOBELO.com:
Се сеќаваш ли на моментот кога првпат го виде твоето дете/деца? Какво беше чувството?
Тоа чувство не се заборава, врежано ми е во главата. Кога чекав да се роди Олег, јас бев со мојата мајка. Помина подолг период, чекавме да ни се јават докторите, а тоа не се случуваше. Баш бевме во исчекување.
Имам братучетка која тогаш работеше во клиниката каде што се породи сопругата, па таа присуствуваше на породувањето. А ти цупкаш, чекаш да ти кажат дека сè е во ред.
Но, кога влегов во болничката соба и го видов тоа мало човече, некако ми се смени целиот свет и влегов во некој друг свет од оној што сум бил дотогаш.
Тоа се некои други емоции, кои верувам дека на човекот му „палат“ некое светло во него, поради кои почнува да го сфаќа животот на подруг начин, дека имате поинаква обврска, дека имате за кого да работите и да создавате и дека треба да ги насочите тие дечиња по некој прав пат.
Кога се роди ќерката Нина, тоа беше уште поинтензивно, зашто чувствував поголема одговорност како ќе ја воспитам за животот што ѝ следи.
Мислам дека се малку подруги емоции кога на татко ќе му се роди ќерка, колку и да сака секој маж да добие син.
Дали и за тебе важи она дека љубовта на таткото расте од ден на ден?
Да, но мојата мисла е друга. Таткото е татко, но мајката е нешто поинакво. И јас и брат ми сме повеќе приврзани за мајка ми.
Ние татковците сме построги, можеби поинаку ги гледаме работите, но мајката е мајка.
Јас им велам на децата дека некогаш во караница може и да ми 'вратат' на мене, но дека на мајка им никогаш не смеат. Таа најмногу се труди да бидат добри луѓе.
Кога беа бебиња колку ѝ помагаше на сопругата во обврските со децата?
Сум ѝ помагал, но јас сам не сум ги бањал, не сум менувал ни пелени.
Затоа сум многу благодарен на мајка ми и на мајка ѝ на Емче, бидејќи тие многу ѝ помагаа со децата во периодот кога јас бев отсутен од дома поради трките.
Како го минувавте времето кога децата беа помали, а како денес?
Многу е тешко да се објасни во јавноста дека животот на професионалните спортисти е тежок. И не би сакал моите деца да одат по патот кој сум го поминал, бидејќи е многу тежок.
Затоа, кога сум во Македонија, секогаш се трудиме на отидеме на некое семејно патување, да поминеме што е можно повеќе време заедно, бидејќи тоа е најскапоценото нешто за секој човек.
Имаме викендичка на планина, па често сме таму, особено за празниците.
Децата сега веќе и сфаќаат дека спортот со кој се занимавам, ридско-брзинскиот шампионат, е многу ризичен. Знаат дека многу луѓе ги загубиле животите во овие трки и дека е најризичната гранка на автомобилизмот, па имаат многу стрес.
Затоа сакам кога сме заедно да го тргнам стресот од нивните мисли и да поминеме убави денови заедно.