Евгенија Колев (22) е фит трудница: „Сега вежбам 4-5 пати неделно, во првата бременост качив 30kg“
- Детали
- четврток, 03 август 2023
„Вежбам 4-5 пати неделно во теретана, а пешачам секој ден. Нема забранети вежби, но некои треба да се модифицираат во бременоста. Редовниот фитнес за мене е единствениот начин да ја одржувам линијата. Во првата бременост качив 30 килограми, што точно кажува каква е мојата генетика, па немам простор да се опуштам и да се потпрам на неа“, вели моделот Евгелија Колев.
Евгенија Колев (22) од Скопје е модел, мајка на 1-годишниот Матиас, студент на Факултетот за бизнис менаџмент. И сето ова го прави успешно, додека е во 7-миот месец од бременоста со своето второ дете.
Евгенија, која важи за една од најфит трудниците кај нас, вели дека втората бременост ѝ е сосема поинаква - сега е многу поопуштена, повеќе вежба, има бројни обврски како мајка, па до скоро и не забележувала дека е бремена.
„Една година студирав кинески јазик на универзитетот Шангај во Кина, но поради ситуацијата со Ковид, бев приморана да ги продолжам студиите во Македонија. Во моментов студирам бизнис менаџмент и сум посветена на семејството“ – ја почнува Евгенија својата приказна за CRNOBELO.com.
Во интервјуто Евгенија ни раскажа како се справува со бременоста и обврските околу синот, но и за фитнес програмата за бремени жени која ја направила самата:
Веќе си во поодмината бременост. Како ја поднесуваш втората бременост во споредба со првата?
Моментално сум на крајот од седмиот месец. Бременоста засега тече во најдобар ред и е потполно различна од првата.
Не знам дали е поради зголемените обврски кои ги имам во оваа бременост, но скоро да не почувствував дека сум бремена досега. Сѐ поминува многу побрзо.
А полот на бебето го дознавме на првиот роденден на син ми. Носам уште едно синче.
И покрај бременоста постојано си активна и вежбаш. Дали беше така и додека беше бремена со првото дете?
Во првата бременост бев активна, но не како сега.
Со оглед на тоа што ми беше прва бременост, бев исплашена и можеби премногу внимателна.
Уште од самиот почеток добив препорака од доктор да не вежбам во првите три месеци, што не беше случај во оваа бременост.
Колку често вежбаш? Има ли вежби кои ти се забранети? И колку редовниот фитнес ти помага да ја задржиш линијата, или тука има влијание и генетиката?
Вежбам 4-5 пати неделно во теретана, а пешачам секој ден.
Нема вежби кои се забранети, има само вежби кои треба да бидат модифицирани за време на бременост.
На мојот Инстаграм профил често објавувам совети и модификации од вежби кои девојките обично ги прават, а можат да продолжат да ги прават и во бременоста, само на друг, побезбеден начин.
Редовниот фитнес за мене е единствениот начин со кој ја одржувам линијата, со оглед на тоа што генетиката не е на моја страна.
Во првата бременост качив 30 килограми, што точно кажува каква е мојата генетика во однос на склоноста кон качување килограми.
Така што, немам баш простор да се опуштам и да се потпрам на генетиката.
Од друга страна, каква генетика и да имате, сѐ е залудно доколку не се посветите на физичката активност. Кога-тогаш генетиката ќе престане да ја игра поголемата улога.
Ти направи и фитнес програма за вежбање и за слабеење за сите „тазе“ мајки. Каков е фидбекот? Дали помина добро колку што се надеваше или жените баш и не се расположени за вежбање?
Постпартум програмата доби огромен интерес. Сите мајки по породувањето се соочуваат со желбата да го вратат своето тело во формата од пред бременост.
Некои тоа го постигнуваат за брзо време, а на други им е потребна стручна помош и малку повеќе упорност.
Знаејќи со што се соочуваат мајките, откако и јас поминав низ тоа, решив да го преточам знаењето од моето искуство во нешто што практично ќе им помогне на другите мајки.
На мое изненадување, интересот ги надмина моите очекувања, а веќе ми пристигнуваат и фотографии од трансформациите на мајките кои ја пробаа програмата.