Толга Ортанџил од „Балканска приказна“ за CRNOBELO: „Ми недостига вкусот на кафето испиено во Градскиот парк“
- Детали
- понеделник, 26 јуни 2023
„Македонија и Турција делат заедничка историја и култура, а имаме сличности и во однос на храната и музиката. Иако дедо ме е роден во Струмица, јас лани првпат дојдов во Македонија. Тој пред многу години се преселил во Измир, каде што сум роден јас, но ете, нешто секогаш ме влечеше да дојдам во Македонија и лани тоа конечно ми се исполни“, вели за CRNOBELO.com турскиот актер Толга Ортанџил, кој во Скопје ја снимаше серијата Balkan Ninnissi.
Турскиот актер Толга Ортанџил (31) шест месеци живееше во Скопје додека ја снимаше серијата Balkan Ninnisi („Балканска приказна“).
Оваа серија се прикажуваше на турската телевизија ТРТ и имаше добар рејтинг, но нема да има втора сезона. Толга, пак, имаше една од поголемите улоги и го глумеше најдобриот другар на главниот лик.
Овој млад актер, кој е роден во Измир, но по дедо е од Струмица, лани првпат дојде во Македонија. Тој веќе некое време е во родната земја, но повремено се сеќава на деновите поминати во Скопје и на пријателствата што ги стекнал и кои ги одржува и понатаму.
Со Толга разговаравме за неговото време поминато во Скопје, а тој за CRNOBELO.com ги сподели своите впечатоци од градот:
Дојде во Скопје пред околу една година... Каков беше твојот прв впечаток?
Скопје е многу посебен град за мене. Уникатен град, а јас се заљубив во неговата историја, архитектурата и убавите луѓе.
Тука живеев околу 6 месеци. Прво бев долго време во хотел, но потоа се сместив во куќа.
Поминав многу убави денови за време на мојот престој таму. Но, отидов и во Охрид, а бев и во Битола и се заљубив во Македонија.
Земјата веднаш ми се допадна. Луѓето се многу пријатни и храната е добра, а јас се чувствував како да сум дома.
Кое ти беше омилено место за прошетка, за пиење кафе, за јадење?
Обожавам да пешачам, па кога не брзам за да стигнам некаде, повеќе сакам да одам пешки отколку да користам некаков превоз.
А бидејќи Скопје не е многу голем град, споредено со оние во Турција, на повеќето места одев пешки.
Омилено место ми беше градскиот парк и кафето што го пиев таму. Ми недостига вкусот на скопското макијато испиено во парк.
Што ви се допадна, а што не ти се допадна во градот?
Нема ништо што не ми се допадна во Скопје. Освен што сите продавници се затвораа во 22 часот.
Дали во времето поминато тука откри сличности по Македонија и Турција?
Македонија и Турција делат заедничка историја и култура. Долго време живеевме заедно за време на османлискиот период.
Во Македонија сè уште живеат Турци. Затоа имаме сличности, особено во однос на храната и музиката.
Иако дедо ме е роден во Струмица, јас лани првпат дојдов во Македонија.
Тој, пред многу години се преселил во Измир, каде што сум роден јас, но ете, нешто секогаш ме влечеше да дојдам во Македонија и лани тоа конечно ми се исполни.
Дали запозна нови луѓе, дали стекна пријатели тука или немаше многу време за дружење поради снимањето?
Јас сум социјална личност. Сакам да запознавам нови луѓе. Стекнав пријатели Македонци, Албанци и Турци, и со дел од нив сум и сега во контакт.
Снимањето на серијата заврши лани. Дали ќе се снима втора сезона? Ќе се вратиш ли во Скопје?
Не, за жал нема да има втора сезона од нашата серија. Многу актери прифатија улоги во нови проекти, па нема да може да се снима продолжение на приказната.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело