Лола Астанова, најсекси пијанистката во светот: „Ми годи овој епитет, едвај чекам да ја вкусам македонската храна“
- Детали
- четврток, 20 април 2023
„Ќе ja прифатам титулата за најсексапилна пијанистка, звучи прилично жешко. Но искрено, не се гледам себеси на тој начин и не размислувам за себе во такви услови. Кога си свој, што е важно што велат критичарите? Тие секогаш ќе најдат нешто да критикуваат, а јас само сакам да го правам она што сметам дека е правилно и искрено за мене“, вели во интервју за CRNOBELO.com пијанистката Лола Астанова, која на 2 јуни ќе одржи концерт во Македонската филхармонија во Скопје.
Лола Астанова (40), пијанистката со руско-американско потекло, на 2 јуни 2023 година првпат ќе настапи пред македонската публика и ќе одржи концерт во Македонската филхармонија.
Астанова во светот е позната како врвна музичарка, која освен со своето одлично свирење, ја плени публиката и со изгледот.
Таа секогаш настапува во високи потпетици, во мини фустани или носи дизајнерски креации кои ги откриваат нејзините долги нозе.
Поради ова, Лола ја нарекуваат најсексапилната пијанистка во светот, а таа иако се гордее со оваа неофицијална титула, сепак е скромна, па вели дека не се доживува себеси така.
Еден и пол месец пред концертот во Скопје, Лола во интервју за CRNOBELO.com зборува за својата кариера, која трае повеќе од 30 години.
Ни откри и дали има време за љубов, како ја одржува витката линија, а вели и дека едвај чека да ја проба македонската кујна.
На 2 јуни ќе настапите во Скопје... Дали е ова ваш прв концерт во Македонија? Знаете ли нешто за земјата и има ли нешто што би сакале да го видите или направите додека сте тука?
Да, ова ќе биде мој прв настап во Македонија, но многупати сум била поканета да ја посетам.
Возбудена сум што конечно ќе можам да го направам тоа.
И, како и повеќето луѓе, кога ќе слушнам за Македонија, во мојот ум се појавуваат слики од богатата античка историја, но многу сум љубопитна да дознаам повеќе за земјата кога ќе ја посетам, особено за традиционалната македонска кујна.
Почнавте да свирите пијано на 6 години, а одите на турнеи од 8 години. Од каде таа љубов кон музиката?
Мајка ми е професорка по музика, па клавирот што е во нашата куќа ми е едно од најраните сеќавања од детството.
Но, понекогаш чувствувам дека музиката била моја судбина уште пред да се родам, бидејќи отсекогаш чувствував дека тоа за мене е најприроден начин да се изразам.
Дали понекогаш ве изморува тоа што сте постојано на пат, во различни градови, да живеете во хотели и да го правите тоа повеќе од 30 години?
Точно, може да биде заморно на моменти, па затоа се трудам да го балансирам мојот живот со други активности и да не бидам постојано на пат.
Но, истовремено се трудам да ја искористам секоја можност да научам нешто за новите земји и култури, да ги запознаам луѓето во тие земји колку што можам повеќе и да уживам во нивното гостопримство.
Каде ви е домот во моментов, каде живеете? И што правите кога не сте на турнеја, како го поминувате времето?
Мојот дом деновиве е на Флорида.
Кога не сум на пат се трудам да живеам нормален живот, да работам во студио во текот на денот, да вклучам деловни или медиумски активности, а потоа да правам нешто забавно навечер.
Мислам дека е важно да се задржи чувството на нормалност кога некој има уникатна работа во шоу-бизнисот.