„Пеев во македонски ресторан кога се преселив во САД, сакам штипска пастрмалија“ – Интервју со Никола Пауновиќ од „Операција триумф“
- Детали
- среда, 12 април 2023
„Кога се преселив во Америка пеев со брат ми во македонскиот ресторан „Скадарлија“ тука во Чикаго, но се пензионирав и сега водам поинаков живот. Инаку, многу сакам штипска пастрмалија и едвај чекам повторно да ја посетам Македонија“, вели за CRNOBELO.com Никола Пауновиќ, кој пред 15 години беше еден од милениците на публиката во шоуто „Операција триумф“.
Кога во далечната 2008 година почна да се прикажува музичкото шоу „Операција триумф“, Никола Пауновиќ (37) веднаш го доби епитетот миленик на публиката. Момчето родено во Крагуевац денес живее во Чикаго и веќе не се занимава со музика.
Никола е роден на 25-ти јули 1985-та година во Крагуевац. Пред скоро осум години се пресели во САД, и сега работи во ресторанот „Тао“ во Чикаго.
Во интервју за CRNOBELO.com, Никола со многу мерак зборува за времето кога беше дел од најпопуларното балканско музичко шоу, но и за спомените врзани за Македонија.
Публиката те запозна и те засака во шоуто „Операција триумф“. Дали понекогаш се сеќаваш на шоуто, времето што го помина во куќата со другите натпреварувачи? Дали си и денес во контакт со некој од нив?
Се разбира дека се сеќавам. И имам многу убави спомени од тој период од мојот живот. Буквално ги следам сите со кои бевме заедно во шоуто, а и тие мене ме следат на социјалните мрежи и контактираме преку нив.
Дали се занимаваш и денес со музика? Пееш некаде јавно или барем со друштво за душа?
Не се занимавам со музика. На почетокот кога се преселив во Америка пеев со брат ми во македонскиот ресторан „Скадарлија“ тука во Чикаго, но се пензионирав и сега водам поинаков живот.
Колку долго живееш во Америка? Дали беше тешко да се одлучиш на ваков чекор?
Во Америка сум скоро осум години.
Беше тешко, но повеќе не се гледав себеси во Србија и подготвен бев да направам промена во мојот живот и да си дадам шанса за нов почеток.
Не сакав еден ден да се разбудам и да бидам лут на себе што не го пробав „американскиот сон“ кога имав шанса.
Каков е животот таму? Има ли работи од дома што ти недостасуваат сега кога си во САД?
Животот овде е далеку поинаков од оној на телевизија.
Оваа земја ви нуди многу можности за напредок, но исто така можете многу брзо да изгубите сè и да завршите на улица.
Животот е многу брз и многу е тешко да се префрлиш на тој начин на живот на почетокот, бидејќи ние Балканците правиме сè со срце.
Тука, пак, сè е бизнис и пари. Има многу малку простор за емоции.
Каква е твојата фитнес рутина?
Што се однесува до изгледот, е тоа е веќе дискутабилно. Тренирам периодично.
Зимно време олабавувам и не одам во теретана, а потоа од март до септември тренирам буквално 6 пати неделно.
И во тоа време многу внимавам да не јадам слатки и да не пијам газирани сокови. И така сè си доаѓа на свое.
А што е со љубовта? Каква е ситуацијата на љубовен план?
Сè уште немам време за љубов.
Никогаш нема да ми биде нормално да се гледам со саканата личност еднаш неделно. А тука тоа е сосема океј, така што најверојатно засекогаш ќе бидам сингл и тотално сум во ред со тоа.
Во минатото често доаѓаше во Македонија, се дружеше со неколку музичари, а пееше и на „Макфест“ со Дарко Илиевски. Се гледаш ли со Дарко во Америка, бидејќи и тој живее таму, или загубивте контакт?
Не знаев дека Дарко е тука. Не сме во контакт.
Инаку, ја сакам Македонија многу и имам неколку многу добри пријатели Македонци овде.
Кои се некои од твоите најубави спомени од Македонија?
Многу ми се допаѓаат спомените од Охрид, Скопје и Штип. Сакам пастрмајлија и едвај чекам повторно да ја посетам Македонија.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
Фото: Приватна архива/Фејсбук: Операција триумф 2008