Диме возеше велосипед од Македонија до Турција: „Дневно поминував од 80-100 километри, сретнав многу фини луѓе“

Мрази кога ќе му се дупне гума, а на ова патување му се случило еднаш среде ноќ, па морал да преспие во морничав мотел, дневно поминувал до 100km, а од целото патешествие научил многу нови работи – раскажува за CRNOBELO.com Диме Трајановски кој од Македонија стигна до Турција со велосипед.

BeFunky collage

Диме Трајановски, иако долго време живее надвор од Македонија, за време на пандемијата се врати во своето родно Делчево и постојано се препушта на интересни авантури со велосипед. Работи во сферата на IT, а покрај возење на велосипед се занимава и со сликање на платно и играње шах. 

Пред повеќе од 10 години кога за првпат започнал да се занимава поактивно со велосипедизам, возбудата од возењето и налетот на адреналин не било единственото нешто што го привлекувало.

Медитативниот елемент во целата ситуација и желбата да стигне од точка А до точка Б го натерале уште повеќе да го засака возењето велосипед.

dime trajanovski od makedonija do turcija so velosiped luhjeto sto gi zapaznavav se ljubeznii dnevno pominuvav od 80 do 100 kilometri 1

Соло патување со велосипед на подолги релации е еден од неговите омилени начини на релаксација, каде покрај посетата на туристички атракции им дава можност да се истражат нови места кои пленат со убавина, како и да запознае нови луѓе, други култури и поинаков начин на гледање на работите.

Димe има и свој Инстаграм профил каде ги споделува авантурите, а за CRNOBELO.com открива:

„Досега ги имам обиколено повеќето балкански држави со велосипед, а тоа се Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора и делови од Хрватска и Босна.

Знаете како, патувањето каде било е една прекрасна можност за да го видите светот и да го направите малку помал од тоа што впрочем е. Покрај тоа, навистина ви го отвора умот и на еден или друг начин ги поврзува луѓето.

Да бидам малку попрецизен за ова патување. Турција е мост помеѓу Европа и Азија, како географски така и културно.

Претходно го имам посетено Истанбул неколкупати и навистина ми се допадна токму поради тој микс.

Можеби инспирацијата за ова патување со велосипед, ми се јави поради желбата да ја истражам оваа земја уште повеќе и да ја запознаам поблиску на еден поинаков начин“, раскажува Диме.

dime trajanovski od makedonija do turcija so velosiped luhjeto sto gi zapaznavav se ljubeznii dnevno pominuvav od 80 do 100 kilometri 5

Тој вели дека пред секое патување е добро да се има зацртан план кој ќе биде еден вид на водилка низ самото патешествие. Диме се одлучи за крајбрежниот дел на Турција кој е дел од коридорот EuroVelo 8

„Планот за местата и должината на турата со велосипед не секогаш зависат од самите нас. Понекогаш природните или вештачките атракции кои ни се испречуваат на патот ни го диктираат правецот, темпото, брзината и километрите кои ги поминуваме на ден.

Како и да е, пред секое патување од ваков тип е потребно покрај физичката подготвеност да се има и добро подготвен велосипед и резервна опрема.

Иако не успеав да видам сè, во целост сум среќен дека повеќето од зацртаното во мојот план се оствари“, споделува Диме за своето патешествие.

dime trajanovski od makedonija do turcija so velosiped luhjeto sto gi zapaznavav se ljubeznii dnevno pominuvav od 80 do 100 kilometri 10

За ова патување не се подготвувал особено, но во секој случај вози скоро секој ден, па по одредено време, човековото тело, а особено нозете се навикнуваат да возат на подолги релации.

„На почетокот на секоја тура, првите неколку дена можеби нема да можете да возите многу долги растојанија, но по некое време лесно можете да возите 100+ километри секој ден, во зависност од патиштата, планините, топлината итн. Секојдневното возење е најдобриот тренинг што постои.

Мојот план беше да поминам околу 800-900 километри од бугарско-турската граница минувајќи покрај бреговите на Егејското Море па сè до познатото Памуккале. Не се трудам да постигнувам некакви рекорди, туку едноставно се препуштам и уживам во патувањето.

dime trajanovski od makedonija do turcija so velosiped luhjeto sto gi zapaznavav se ljubeznii dnevno pominuvav od 80 do 100 kilometri 15

Во просек, правев околу 80-100 километри дневно, со просечно качување по 300-700 метри секој ден. Покрај прекрасните диви плажи на Егејот, успеав да ја посетам и џамијата Селимије во Одрин која е запишана на списокот на УНЕСКО со својот социјален комплекс (медреса, чаршија, саат кула, отворен двор и библиотека).

Потоа, Чанаккале кој е најблизок град до археолошките остатоци од античка Троја и древниот регион Троад. Ја видов и макетата на Тројанскиот коњ, користена во филмот Троја, подарок од Бред Пит за овој турски град. Бев воодушевен и од преубавите и добро сочувани грчко-римски градови како Ефес и Пергам.

Ефес се состои од серија населби од хеленизмот па сè до римско време. Таму ја посетив една од најголемите библиотеки во античкиот свет – библиотека на Целзус, која има архитектонски дизајн кој остава без зборови.

Ефес бил извонреден пример за римски пристаништен град со морски канал и долно пристаниште, поради што е запишан на списокот на УНЕСКО за светско наследство.

dime trajanovski od makedonija do turcija so velosiped luhjeto sto gi zapaznavav se ljubeznii dnevno pominuvav od 80 do 100 kilometri 12

Пергам и Храмот на Трајан восхитуваат исто така. Пергам бил главен град на хеленистичка држава – Кралството Пергам, познат по тоа што бил верен сојузник на антички Рим. Храмот на Трајан, исто така наречен Трајанеум, кој навистина е една од најспектакуларните градби и единствениот римски споменик на оваа локација.

Веднаш по Александрија, Пергам ја имал втората по големина библиотека во античкиот свет. Овој античкиот град е исто така познат по храмот на Деметра, големиот олтар на Зевс, олтарот на Пергам, како и неговиот извонреден амфитеатар.

Потоа следуваат Арките на античкиот град Смирна во Измир и на крај топлите извори и травертини – тераси од карбонатни минерали направени од проточната вода во Памуккале.

Го обиколив и старогрчкиот град – Хиераполис кој се наоѓа веднаш до Памуккале“, раскажува Диме.

Поголем дел од времето спиел во шатор, некаде во природа или на плажа. Често се наоѓал во прекрасна околина и пејзажи кои одземаат здив.

Покрај тоа ја користел и апликацијата Warmshowers – тоа е вид на заедница на велосипедисти, каде можеш да добиеш бесплатно сместување, а во зависност од домаќинот и бесплатен појадок, ручек и вечера.

„Имаше денови кога на мене и мојата облека навистина им требаше миење (најдолго време без туш: 3 дена) или во случаи кога имаше дождливо време, тогаш ноќите ги поминав во хотел и многу ретко во хостел.

Како и да е, најголемиот предизвик за подолго соло патување со велосипед лежи во нашата глава. Понекогаш може да се случи дури и да не разговараш со никого повеќе денови и ден за ден да бидеш сам со себе и со своите мисли.

Навистина секој кој сака да проба ваков вид на велосипедска авантура, треба да знае и да биде во состојба да ужива сам со себеси“, споделува велосипедистот.

dime trajanovski od makedonija do turcija so velosiped luhjeto sto gi zapaznavav se ljubeznii dnevno pominuvav od 80 do 100 kilometri 6

Како и секогаш и ова патување било проследено со интересни случки. Една од нив е одењето на локален бербер кој не говорел друг јазик освен турскиот.

Во овој случај единствениот начин да комуницира со берберот било на знаковен јазик, со разни мимики и гестикулации.

Поголемиот дел од времето на двајцата им било многу забавно и доста често се наоѓале во ситуација на смешно недоразбирање.

Тој бил сосема изненаден кога неочекувано, без негово знаење донел една глина и му ја ставил како маска на лицето. На крајот бил во големо исчекување на крајниот резултат на неговата фразира и брада која за среќа испаднала подобро од неговите очекувања.

„После ова, би ја издвоил и поканата на свадба која се случи додека правев пауза во една селска продавница. Луѓето беа позитивно изненадени дека во нивното село има некој странец и се обидоа да ми ја доловат целата таа атмосфера со нивните обичаи, инструменти и музика.

Друга работа која ми остави впечаток е турскиот чај кој како секојдневен ритуал се служеше насекаде – па дури и кај мојот бербер.

Сонцето и топлината знаат да бидам многу силни, особено во месец јули и август и самата помисла за пиење топол црн чај во ваква клима сигурно звучи малку чудно за повеќето луѓе на Балканот и Европа, но навистина помага и го освежува телото.

Друг голем плус на патиштата во Турција, е што покрај патиштата може да се најдат извори со свежа вода.

Водата од овие мали оази претставува вистински дар од природата особено кога на подлоги километри нема продавници и си далеку од какво било населено место“, издвојува Диме.

dime trajanovski od makedonija do turcija so velosiped luhjeto sto gi zapaznavav se ljubeznii dnevno pominuvav od 80 do 100 kilometri 11

Во неговиот багаж има задолжително 4 резервни гуми, минимум резервна облека, дрон и телефон за снимање, симнато офлајн карти за навигација, мини помпа, GoPro камера, алат за менување на гуми, шатор, душек на дување, батерија за полнење, ноќна опрема и облека со сигнализација, крем за сонце и др.

Дупната гума е нешто што најмногу го нервира кога вози велосипед. На ова патување му се случило еднаш, веднаш после турската граница и бидејќи се случило доцна во ноќта, морал да преспие во еден мотел на самата граница кој внатре изгледал како од некој морничав филм.

Освен ова мала непријатност, за среќа немал други непријатни ситуации. За патиштата во Турција тој вели дека генерално се добри за возење велосипед, но дека има простор за подобрување на истите.

Некои делови имале долги и тешки стрмнини и од 10%. Во близина на големи градови имало и сообраќаен метеж, а понекогаш локалните и регионалните патишта се спојувале со автопат и немал друга опција за возење.

dime trajanovski od makedonija do turcija so velosiped luhjeto sto gi zapaznavav se ljubeznii dnevno pominuvav od 80 do 100 kilometri 13

„Пред секое патување во друга земја, секогаш постои мала доза на неизвесност. Бев пријатно изненаден од тоа како гостопримлив е турскиот народ. За првпат се почувствував толку добредојден како Македонец, што за жал не е случај со некои наши поблиски комшии.

Се случуваше многу често кога сум во ресторан, или сум блиску до некоја бензинска станица да добијам бесплатен оброк, чај или вода од локалното население.

Од она што го искусив, можам да заклучам дека мнозинството луѓе во земјата, а особено во малите и руралните области низ кои го поминував поголемиот дел од времето беа љубезни, доверливи и со отворено срце.

На крај на моето патување успеав да се видам и со моите стари пријатели од Истанбул каде прославивме 10 години пријателство“, додава Диме.

Засега тој нема конкретни планови за следни патување. Можеби во некое идно време ќе се препушти на возење на Еуро вело рутите, а дотогаш ќе ја истражува убавината на нашата Македонија.

dime trajanovski od makedonija do turcija so velosiped luhjeto sto gi zapaznavav se ljubeznii dnevno pominuvav od 80 do 100 kilometri 2

dime trajanovski od makedonija do turcija so velosiped luhjeto sto gi zapaznavav se ljubeznii dnevno pominuvav od 80 do 100 kilometri 3

dime trajanovski od makedonija do turcija so velosiped luhjeto sto gi zapaznavav se ljubeznii dnevno pominuvav od 80 do 100 kilometri 4

dime trajanovski od makedonija do turcija so velosiped luhjeto sto gi zapaznavav se ljubeznii dnevno pominuvav od 80 do 100 kilometri 14

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Нина (25) од Скопје за животот во Унгарија: „Дојдов сама на 18 години, но би се вратила да живеам во... „На прашањето „Дали би се вратила ли да живеам во Македонија некогаш? искрено ќе...
Милош Боев: „Работам во Нигерија како инженер - полиција со оружје ме чува 24/7, едвај се навикнав“ „И одењето во ноќен клуб е со режим за безбедност. Ми приоѓаа луѓе кои сакаат за...
Бев на одмор во Бари: Пиво ќе најдете и за 1,5 евра, но и комплет лежалки за 42 евра Постојат неколку начини од Скопје да се стигне до Бари - еден од нив е со авион ...
Моделот Павле Николовски го посети Исланд: „Ручек во ресторан не е под 150 евра, најевтин бургер е 2... „Исланд е третата најскапа земја во светот, а цените се скоро 10 пати повисоки о...
Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
„Бев на борба со бикови во Севиља, Малага ги има најубавите зајдисонца“: Боро од Скопје за посетата ... „Без разлика дали ги сакате или мразите, борбите со бикови во Шпанија се многу п...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg