Илина од Скопје беше на соло патување во Лисабон: „Застрашувачко е да си сама, но многу подобро се доживуваат местата“
Ова се моите топ предлози и совети за соло патување во Лисабон:
Познатите видиковци на ридовите на Лисабон
Лисабон е често нарекуван градот на седумте брда и може да се пофали со прекрасни погледи на врвовите на тие брда.
Градот е полн со видиковци т.e. Miradouro од кои можете да го видите градот заедно со реката Тагус.
Ги издвојувам моите омилени – Miradouro de Santa Catarina, Miradouro de Santa Luzia, Miradouro de Sao Pedro de Alcantara и Miradouro do Recolhimento.
Пастел де ната
Традиционалниот португалски десерт пастел де ната е нешто што морате да пробате додека сте во Лисабон.
Оригинално потекнува од населбата Белем, но можете да го најдете насекаде низ Португалија.
Пробајте го оригиналниот пастел де ната додека сте во Белем, но доколку не сакате да чекате во долгите редови кои се неминовни, предлагам да го пробате овој десерт во Manteigaria во населбата Barrio Alto.
Фадо искуство
Фадо музиката е традиционална за Португалија, која најчесто се фокусира на теми поврзани со живот на море, тешкотиите на секојдневниот живот, чувствата на загуба и копнеж, но и на љубовта и надежта.
Фадо може да слушнете и во многу од парковите низ Лисабон или можете да посетите целовечерно Фадо искуство. Во секој случај е нешто што не смеете да го пропуштите.
Музејот МААТ и Белем
Белем e прекрасна населба или фрегезија во Лисабон. Во минатото била дом на многу португалски кралски семејства.
Денес во Белем можете да ги најдете познатите пастел де ната на главната улица Rue de Belem, може да ги посетите самостанот Херонимос и палатата Белем или да уживате на скалите на музејот МААТ покрај реката Тагус.
Шетајќи по кејот на реката Тагус можете да стигнете до музејот на уметност, архитектура и технологија, каде што можете да видите многу различни изложби од домашни и светски уметници, архитекти и музејски кустоси.
Предлагам, да си одвоите малку време и да уживате во погледот на реката Тагус и мостот 25 Април директно од скалите на музејот МААТ.
Покрај Лисабон, посетете ги и Sintra, Cascais и Cabo de Roca.
Искористете еден ден од вашето патување и посетете ги околните гратчиња кои се посебни на свој начин.
Во Синтра посетете ја националната палата, која е најдобро зачуваната средновековна палата во Португалија и е дел од културниот пејзаж Синтра, заштитен од страна на УНЕСКО.
Во склоп на културниот пејзаж на Синтра и Кашкаиш, можете да ја посетите и најзападната точка на континентална Европа – Кабо де Рока.
Дневното патување може да го завршите на прекрасните плажи во близина на Кашкаиш, каде ќе видите голем број на сурфери и други спортисти.
Дополнителни совети кои мене ми беа корисни на ова соло патување:
- Многу интересни дневни излети може да најдете на Get Your Guide, каде ќе дознаете многу интересни факти за Лисабон и ќе запознаете многу интересни луѓе.
- Користете Болт или Убер. Апликациите Болт и Убер имаат многу прифатливи цени за кратки релации низ Лисабон и се супер за да се чувствувате безбедно во кој било дел од денот.
- Во Лисабон може да најдете многу ценовно прифатливи сместувања, меѓу кои и одлични хостели со приватни соби. Најголем избор има секако Booking.com, ги предлагам Hostel Crespo и LX Hostel, како добар избор за сместување со прифатлива цена.
- Ако планирате и да работите додека сте на вашето патување, ви предлагам да изберете еден од многуте co-working простори, каде што покрај одличните услови за работа, можете да запознаете и многу нови луѓе.
Мој предлог е Tribe Social Club, кој се наоѓа на супер локација и има одлична работна атмосфера. Цената на дневна карта е 10 евра, а покрај бесплатниот интернет, во цената се вклучени и кафе, вода и различни грицки и овошје.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело