Илина од Скопје беше на соло патување во Лисабон: „Застрашувачко е да си сама, но многу подобро се доживуваат местата“
- Детали
- среда, 21 август 2024
„Бев 3 недели во Канада, а оттаму, по 6-часовен лет стигнав во Лисабон. Првпат патувам сама, на моменти беше застрашувачко и осамено, но уживав во овие 6 дена... Лисабон има топлина и добри луѓе кои по улица ти посакуваат добар ден“ – раскажува за CRNOBELO.com Илина Димовска од Скопје.
Илина Димовска (29) од Скопје, која веќе 11 години живее во Љубљана и е страстен љубител на патувањата, летово сама замина во Лисабон, Португалија.
Таа вели дека првпат патува сама, дека на моменти знае да биде застрашувачко и осамено, но дека е незаборавно и неповторливо искуство, кое има свои предности.
Во продолжение, за CRNOBELO.com таа го раскажува целосно нејзиното искуство од соло патувањето и споделува предлози кои ги има за Лисабон:
„Среда наутро. Слетувам во Лисабон после шестчасовен лет од Монтреал, Канада.
После 3 недели во Канада повторно назад на европско тло. Додека јули беше исполнет со многу свадби, родендени и многу дружби со прекрасни луѓе, неколку дена од август беа резервирани за време за себе во прекрасниот Лисабон.
Ова ми е прво патување каде што сум потполно сама. Патување на кое не се сретнувам со пријатели, на кое не одам да посетам фамилија или познавам многу луѓе.
Отсекогаш сум сакала да патувам сама и да искусам вистински што значи соло патување. И сега сфаќам зошто не е за сите.
Вакво патување бара малку повеќе логистика и внимание и на моменти е дури и застрашувачко и осамено, но е и можност за учење на себеси и на светот низ една различна призма.
Соло патувања се одлична прилика за интроспекција, за набљудување на околината, за поинтензивно доживување на места и случувања.
Овие шест дена имав прилика да слушнам убава музика, да уживам во прекрасните погледи од ридовите на Лисабон, да се оттргнам од телефонот и социјалните мрежи и да бидам присутна во моментот во кој што сум.
На секој што размислува дали да се подаде на соло патување, би му препорачала да проба.
На моменти е можеби страшно и осамено, но е и незаборавно искуство кое ќе ви ја наполни душата со многу убавини.
Зошто баш Лисабон?
Сите што ги познавам имаат најубаво мислење за Лисабон. Тие што го посетиле имаат преубави спомени и премногу желби повторно да му се вратат.
Многу пријателки ми ги пратија нивните списоци, ексел документи, видеа и Инстаграм постови со работи кои морам да ги посетам, пробам, искусам.
Досега не знаев колку луѓето околу мене искрено го сакаат овој магичен град. Но брзо сфатив зошто.
Од прекрасните паркови полни луѓе и музичари кои свират традиционална Фадо музика, до малите стрмни улички опколени со шарени згради, сè до мирот којшто може да се доживее на скалите на музејот МААТ гледајќи ја реката Тагус.
Лисабон има душа и енергија кои ја немаат сите градови. Има топлина и добри луѓе кои те поздравуваат на улиците и ти посакуваат убав ден.
Има вкусна, традиционална храна и безброј паркчиња каде можеш да прочиташ книга, испиеш добро вино и уживаш во топлите летни денови.