Стефан од Скопје е фитнес тренер на Тајланд: „Ова е рајот на земјата, но ми фали да сум поблиску до дома“
- Детали
- вторник, 14 мај 2024
„Тајландскиот јазик е претежок за учење, но за среќа повеќето од локалното население зборува англиски. Досега, за две години, успеав да научам само неколку збора, најосновни работи“, вели Стефан Стојановски, кој работи како фитнес тренер во Пукет.
Стефан Стојановски (29) од Скопје веќе 2 години живее во Пукет, Тајланд, а работи како фитнес тренер. Вели, кога дошол на Тајланд, сфатил дека го пронашол својот рај на земјата.
Преку својата професија ги запознал повеќето пријатели што ги има на островот. Заедно излегуваат, се дружат, одат на трчање од раните утрински часови, заедно патуваат.
Стефан вели дека патувањето е една од најголемите предностите во Тајланд, бидејќи има можност лесно и брзо да стигне до сите азиски држави, па веќе посетил голем дел од нив.
Во разговорот за CRNOBELO.com овој млад скопјанец ни раскажа за животот на островот, за локалното население, каде ги шета блиските од Македонија кога ќе му дојдат на гости, но и за храната.
„Најмногу ми фалат бурек и јогурт, тоа го нема тука“, признава на шега Стефан.
Прочитајте го целото интервју за неговиот живот на Тајланд:
Зошто реши да си заминеш од Македонија?
Oд Македонија си заминав уште на 18 годишна возраст.
Живеев една година во Германија, потоа кратко и во Шведска, па кратко работев во Турција и во Капе Верде во Африка, за конечно да го најдам рајот на земјата, Тајланд.
Од Македонија си заминав првично поради можноста за напредок во кариерата, но и бидејќи сакав да го прошетам светот, да видам нови места, да запознаам нови култури и да имам нови искуства.
Јас сум човек што сака да патува и не се задржувам долго на едно место.
Како би го опишал животот на Тајланд? Што ти е најубаво, а што не ти се допаѓа поврзано со животот таму?
Животот на Тајланд би го опишал како живот во рајот. Многу е опуштено, има голема слобода, воопшто нема стрес, луѓето се префини и пријателски настроени, љубезни и гостопримливи.
Природата е преубава, преубави плажи, топла клима преку цела година - едноставно, идеално место за живеење.
Исто така, многу ми се допаѓа што од тука можам многу лесно да патувам и до други азиски земји, па досега ги посетив Малезија, Виетнам, Сингапур, Камбоџа, а следни на листата се Јапонија и Индонезија - Бали.
Можеби единствено нешто што не ми се допаѓа е што е многу далеку од дома, и не можам често да се враќам.
Што те одведе таму - студии, работа, љубов или нешто друго?
Во Тајланд дојдов поради работа, веднаш по завршувањето на ковид пандемијата. Повикот за работа го добив многу случајно и решив да го прифатам.
Како се снајде на почетокот? Имаше ли однапред договорено за работа?
Да, имав однапред договорена работа, работев како персонален фитнес тренер во една хотелска теретана.
Одлично се снајдов бидејќи имав обезбедено стан и храна и имав среќа што колегите одлично ме прифатија и навистина беше задоволство да се работи таму.
А јазикот? Зборуваат ли сите (повеќето) на англиски?
Тајландскиот јазик е претежок за учење, но за среќа, повеќето од локалното население зборува англиски бидејќи е туристичко место.
Досега, за две години, успеав да научам само неколку збора, најосновни работи.
Работиш како фитнес тренер. Кажи ми нешто повеќе околу самата работа.
Да, работам како фитнес тренер во теретана во Пукет, држам персонални тренинзи и групни тренинзи.
Обично во денот имам од 5 до 8 часа работа, некои денови дури и по 10.
Тренинзите се различни во зависност од желбата на клиентот, најчесто се функционални тренинзи, сила, издржливост, бодибилдинг и мобилити.