Путер и уште 6 намирници чии придобивки ќе ве изненадат
Ако пиете кафе во умерени количини – околу една шолја дневно – постои можност да го намалите ризикот од појава на дијабетес тип 2.
Кога внимаваме на исхраната, без разлика дали за слабеење или за да си го подобриме здравјето, настојуваме да избегнуваме некои намирници бидејќи сметаме дека од нив нема многу придобивки, или пак зависно од целта, може да имаат негативни ефекти.
Без разлика дали бидејќи имаат повеќе јаглехидрати, масти или шеќери, постои верување дека треба да ги избегнуваме бидејќи не ни користат при слабеење или подобрување на здравјето.
Сепак, некои вакви намирници содржат и состојки што му годат на нашето здравје, па дури можат и да го поттикнат процесот на слабеење.
Односно, ако ги јадеме во умерени количини, може да почувствуваме и некоја придобивка од нив, според некои истражувања.
Сепак, одлуката дали и колку ќе ги консумирате - е ваша.
За кои намирници станува збор?
Путерот може да ви помогне во слабеењето
Ако го консумирате умерено, путерот има потенцијал да ви помогне во борбата против килограмите.
Путерот има калциум, како и состојки кои наводно го намалуваат ризикот од дебелина. Можете да го јадете во умерени количини доколку избегнувате јаглехидрати, а е добар и за одржување на оптималната тежина.
Кафето може да го намали ризикот од дијабетес тип 2
Некои истражувања покажале дека умереното пиење кафе може да го намали ризикот од појава на дијабетес тип 2.
Според анализа на 30 различни посебни истражувања, луѓето кои пиеле една шолја кафе дневно имале 6% помал ризикот од појава на дијабетес тип 2.
Експертите уште не се сигурни од каде потекнува овој ефект на кафето, но се верува дека тоа има способност да ја подобри функцијата на клетките во панкреасот чија задача е производството на инсулин и регулирањето на нивото на шеќер во крвта.
Исто така, кафето има и антиоксиданти кои можат да имаат влијание врз неколку фактори кои го намалуваат ризикот од дијабетес.
Компирите се добар извор на хранливи влакна
Компирите содржат многу хранливи влакна кои, пак, можат да имаат позитивно влијание врз здравјето на дигестивниот систем.
Видот хранливи влакна што се наоѓаат во оваа храна предизвикуваат помалку гасови од другите видови, а истовремено можат да помогнат при констипација.
Овие хранливи влакна можат да го регулираат и холестеролот, како и нивото на шеќер во крвта.
Некои житарици се богати со витамини и минерали
Иако многу житарици имаат додадени шеќери, дел од нив се збогатени со корисни состојки, како железо и витамин Б.
Па, ако ги сакате, можете да ги јадете умерено.
Зачинетата храна може да го забрза метаболизмот
Бројни истражувања покажале дека некои зачини – како куркума и пипер – можат да го забрзаат метаболизмот. Се покажало и дека многу зачини можат да го потиснат апетитот.
Според резултатите од едно истражување, куркумата го забавила растот на масно ткиво кај глувци.
Јајцата можат да бидат добри за бремените жени
Јајцата, особено жолчките, се богати со витамин Д – витамин кој им е потребен на бремените и жените кои дојат.
Тие имаат и други состојки кои им се неопходни на бремените жени – железо, протеини и витамин Б12.
Ако сте бремени, важно е добро да ги зготвите јајцата, односно да не ги јадете делумно живи.
Секако, консумацијата на храна кај бремени жени зависи од самата бременост и општата здравствена состојба, па доколку не сте сигурни, најдобро консултирајте се со лекар.
Можете да јадете банани ако слабеете
За многумина бананите не се овошје што треба да се јаде за време на диета, најмногу поради шеќерот и јаглехидратите.
Сепак, шеќерот во бананите не е штетен, а за разлика од другите намирници со јаглехидрати имаат понизок гликемиски индекс и не предизвикуваат нагло зголемување на нивото на шеќер во крвта.
Па, ако сакате да ослабите, во здравата разновидна исхрана можете да вклучите и банани, умерено.
Напомена: Секако, секоја од овие намирници има свои позитивни и негативни ефекти, зависно од целта што сакате да ја постигнете, но и општата здравствена состојба, па имајте го тоа на ум.
Спирова С. | Црнобело