Кулинарски трикови заради кои сите ќе мислат дека сте професионален готвач
Понекогаш наместо сол потребно е да додадете сок од лимон, а компирот ставен во блендер нема да стане пире туку лепило… Кои кулинарски трикови треба да ги знаете?
Сите сме свесни дека кулинарството е уметност и дека е неопходна сериозна посветеност за да успеете да креирате вистински ремек дела кога готвите.
Но, со кои трикови се служат професионалните готвачи, па нивната храна секогаш има побогат и пораскошен вкус, заради што ви се чини дека на домашно приготвените јадења секогаш им недостасува по нешто?
Во продолжение погледнете неколку кулинарски трикови што можеби не сте ги знаеле и ќе ви бидат од корист:
Лимон наместо сол
Често може да се случи да додавате сол кога сметате дека храната не е доволно вкусна, но професионалните готвачи знаат дека понекогаш не е до солта, туку до киселоста.
Ако вкусот на некоја храна не ви се допаѓа, пробајте да додадете сол, црн бибер и сок од лимон.
Лук и кромид
Никогаш немојте да ги потпржувате кромидот и лукот истовремено. На кромидот му требаат околу 8 минути за да омекне, а на лукот само 30 секунди.
Ако ги ставите заедно, лукот ќе изгори и ќе горчи.
Ако сакате јадењето да нема премногу силен вкус на кромид, користете црвен кромид.
Во однос на вкусот на лук треба да запомните дека ако лукот го ставите порано во готвењето, јадењето нема да мириса премногу на лук, а ако го ставите подоцна, ќе има посилен вкус и мирис.
Компир
Ако не сакате компирот да ви се распадне кога го варите, тогаш потребно е да додадете 1 лажица оцет во водата во којашто се вари.
Кога приготвувате пире, во варењето можете да додадете и 2-3 чешниња лук, што подоцна ќе ги испасирате и ќе добиете побогат вкус.
Никогаш не ставајте компири во блендер – наместо пире ќе добиете смеса што потсетува на густо лепило.
Зачини
Некои зачини даваат убав вкус, но може да бидат тешки за јадење или за џвакање.
Можете да ги ставите во филтер ќесичка или во чиста газа, за да го искористите нивниот вкус, но потоа лесно да можете да ги отстраните.
Пржење
Екстра девственото маслиново масло не е погодно за пржење храна. Тоа има пониска точка на горење, па заради тоа често храната е изгорена, а кујната е обвиена во чад.
Ова масло треба да се користи за салати и за свежа храна, а обичното маслиново масло може да се користи за готвење.