Кој е најздравиот начин да ги консумирате прехрамбените продукти (за да не ги уништите витамините)?
Свежиот спанаќ има трипати повеќе витамин Ц од сварениот, а сварените домати ослободуваат антиоксиданти кои помагаат во борбата со ракот. Кои делови од овошјето и зеленчукот не треба да ги фрлате и како правилно да ги консумирате?
Познато е дека постои одредена поврзаност помеѓу боите на производите и нивните здравствени придобивки.
Се знае дека црвениот зеленчук најчесто има силни антиоксиданти, зелените зеленчуци помагаат при зајакнувањето на имунитетот, додека жолтите овошја и зеленчуци се сметаат за добри извори на протеини и минерали.
Но, дали знаете како треба да ги консумирате популарните зеленчуци и овошја за од нив да ја извлечете најголемата нутритивна вредност?
Во продолжение погледнете кој е најдобриот начин за консумација на некои секојдневни намирници:
Банани
Познато е дека бананите се полни со хранливи состојки. Содржат Б и Ц витамини, како магнезиум и калиум.
Но, малкумина знаат дека овие состојки најчесто се застапени во „влакната“ меѓу внатрешноста на бананата и нејзината лушпа, затоа што нивната улога е да пренесат вода и хранливи материи во овошјето.
Исто така се верува дека токму овој дел од бананата е полн со влакна и затоа не треба да се фрлаат, туку да се консумираат.
Домати
Иако многумина сметаат дека доматите се највкусни и најздрави свежи, сепак добро е да се знае дека со варењето на доматите се одлободуваат поголеми количества на антиоксидансот ликопен, кој се смета дека е одличен во превентивата и борбата против ракот.
Благодарение на тоа што со топлината се раствораат и цврстите ѕидови на клетките на доматот, при консумирањето на зготвени домати, на човечкото тело му е полесно да го апсорбира овој антиоксиданс.
Исто така доматите се здрави и ако ги потпечете, или ако направите сос од нив.
Цвекло, морков и други корени
Најчесто кај морковот, цвеклото, целерот го консумираме коренот, а зелените делови ги фрламе. Но, вистината е дека често тие се мошне добри и здрави за консумирање и нема потреба да се фрлаат.
Листовите може да бидат одлични додатоци во салати и да ви помогнат да го збогатите уште повеќе оброкот со неопходните витамини.
Компири
Сите имаме навика да ги лупиме компирите и лушпата да ја фрламе, но вистината е дека со тоа го отфрламе делот што е мошне здрав.
Во лушпата на компирот има Ц витамин, повеќе Б витамини, калциум и калиум, а се верува дека овие состојки ни даваат повеќе енергија, нè ослободуваат од стресот и имаат позитивен ефект врз коските и варењето на храната.
За да можете да го консумирате компирот со лушпа, потребно е добро да го измиете и да го испечете.