Предлог ручек: Печено пилешко „Empire“ по рецепт на Џејми Оливер
Ова е еден од ручеците кои ќе ги обожавате, затоа што „самиот се готви“. Подготовката е едноставна, а сочниот вкус, пријатно ќе го изненади целото семејство.
Љубителите на индиска храна посебно ќе се вљубат во комбинацијата на сочно печено пилешко месо и силни ароматични зачини.
Можете да го следите оригиналниот рецепт на Џејми Оливер, или да го поедноставните, со печење на пилето во тавче.
Резултатот е секако одличен, бидејќи ова е гурмански ручек со кој ќе ги воодушевите најблиските. Гарантирано ќе лижете прсти и ќе го направите уште неколку пати.
Потребни состојки:
- 1 пиле со средна големина, околу 1500g
- 1 лажица густо доматно пире
- 1 лажица свеж сечкан лук
- 1 лажица свеж рендан ѓумбир
- 1 лажица црвен пипер
- 1 мала лажичка коријандер
- 1 мала лажичка куркума
- 1 мала лажичка кумин
- 1 мала лажичка кардамом
- 2 мали лажички морска сол
- 2 мали лажички јогурт
- Малку цимет и црн бибер
- 1 лимон
Подготовка:
Во подлабоко тавче за печење измешајте ги сите наведени состојки, со исклучок на лимонот.
Ставете си тенки ракавици и со смесата односно, маринадата, добро намачкајте го пилето однадвор и во внатрешниот дел.
Ставете го лимонот да се вари во вода, 10-15 минути. Внимателно извадете го, и со остар нож прободете го 3-4 пати. Пикнете го лимонот во внатрешниот дел на пилето.
Тој ќе му даде неверојатна свежина на месото.
Печете во загреана рерна на 200 степени, околу 1 час и 30 минути.
Немојте да се загрижите поради црната испечена кожа на пилето, воопшто не е изгорено.
Сервирајте со компири, свежа салата или други додатоци по желба.
Пријатен ароматичен ручек:
(О)Милена | Црнобело