Чоколадна торта со полнење од бело чоколадо
Само замислете си го двојното чоколадно задоволство - гледате торта од темно чоколадо, сечете залче и откривате дека внатрешноста е полна со крем од бело чоколадо.
Токму такво уживање ве чека ако решите да одвоите нешто повеќе од половина час и да го подготвите овој рецепт.
Потребни состојки:
- 6 јајца
- 14 лажици шеќер
- 6 лажици брашно
- 1 прашок за печиво
- 6 лажици топла вода
- 4 лажици какао
- 1,2l млеко
- 1 бело чоколадо
- 400g маргарин
- 100g густин
- 150g шеќер во прав
- 2 темни чоколади за готвење
Подготовка:
6-те јајца изматете ги со 6 лажици шеќер.
Брашното измешајте го со прашокот за печиво и какаото, па додајте ги изматените јајца.
Додајте 6 лажици млака вода, па изедначете ја смесата.
Прелијте ја во плех премачкан со масло и печете 20 минути на 200 степени.
Од 1 литар млеко одвојте 10тина лажици и помешајте ги со густинот и 4 лажици шеќер, па направете густа смеса.
Остатокот од млекото оставете го да зоврие заедно со белото чоколадо.
Во млекото кое се вари додајте го густинот измешан со млеко, па мешајте постојано додека не добиете крем.
Тргнете од оган и кога ќе се олади додадете 250g маргарин претходно изматен со шеќерот во прав.
Печениот пандишпан пресечете го на половина. Едната половина премачкајте ја со направениот фил од бело чоколадо, па покријте со другата половина.
Прелијте со глазура направена од 2-те темни чоколади за готвење, 4 лажици млеко, 4 лажици шеќер и 150g маргарин.
Тортата ставете ја во фрижидер најмалку 1 час пред да ја сечете и послужите.