Кога не ви се готви од топло: 5 ладни салати
Сечкајте и мешајте разни вкусови, наместо да пржите. И онака на овие високи температури никој не сака мрсна храна.
За да се спасите од потење додека правите ручек, ви предлагаме да направите некоја од овие 5 ладни летни салати:
Салата од туна
Потребно ви е:
- 2 конзерви туна
- 3 шолји ориз
- 300g мајонез
- 400g павлака
- 300g кисели краставички
Подготовка:
Оризот сварете го и помешајте го со туната, па на крај додајте ги краставичките исечени на коцки. Промешајте заедно со павлаката и мајонезот. Оладете и послужете.
Печени пиперки во павлака
Потребни состојки:
- 6-7 печени црвени пиперки
- 2-3 варени јајца
- 400g кисела павлака
- 100g мајонез
- Сол и зачини по желба
Подготовка:
Испечените пиперки исчистете ги и ситно исечкајте ги. Постапката повторете ја со јајцата, па измешајте. Додадете ја павлаката и мајонезот, па зачинете по желба.
Бела салата
Потребно ви е :
- 2 компири
- 200g мајонез
- 170g крем сирење
- 400g павлака
- 150g шунка
- 100g кашкавал
- 3 јајца
Подготовка:
Измешајте го мајонезот со половина од павлаката и чувајте го за филување. Изрендајте го компирот, посолете, па наредете го на дното на еден стаклен сад. Премачкајте со мајонез и павлака, а потоа наредете ја ренданата шунка измешана со крем сирењето. Пак филувајте со мајонез и павлака, а потоа додадете ги ренданите јајца и кашкавалот. Премачкајте со останатата павлака.
Салата со јајца, печурки и пченка
Потребно ви е:
- 4 варени јајца
- 200g пченка
- Млад лук или кромид
- 2 големи варени компири
- 8-10 свежи, проварени шампињони
- 3 полни лажици мајонез или павлака
Подготовка:
Јајцата исечете ги на парчиња, а компирот на помали коцки. Зависно од големината, исечете ги и шампињоните на коцки или кругови. Додадете ја пченката и добро измешајте. Мајонезот измешајте го заедно со младиот кромид или лук исечен на кругови, па соединете ги со останатите состојки.
Салата од њоки и тиквички
Потребно ви е:
- 1 пакетче њоки
- 1 мала тиквичка
- 1 црвена пиперки
- 5 лажици маслиново масло
- 2 лажици доматно пире
- 4 лажици пилешка супа
- Сол и бибер
Подготовка:
Сварете ги њоките, а зеленчукот измијте го и исчистете го. Тиквичката исечете ја на текни кругови, а пиперката на тенки стапчиња и се заедно помешајте со маслиновото масло. Доматното пире измешајте го со супата додека не добиете прелив. Додајте во садот со тестенини и зеленчук, оладете и послужете.