Прсти да излижеш: Лесни, летни салати
Во лето и да сакате, едноставно не можете да јадете масна и калорична храна. Кога температурите растат, сè што сакате да внесете во организмот е нешто свежо и студено.
Свежите салати се одличен избор за појадок, ручек, ужина или вечера, а покрај нив можете да додадете лесно сварено или потпечено месо или печурки.
Имате голем избор, но ако и понатаму ви недостасуваат идеи, ова се нашите омилени:
Салата со зелка и морков
Ништо нема да ве освежи како кисела салата со зелка и морков. Изрендајте ги, наместо оцет исцедете лимон, додајте неколку јаткасти плодови и зачинете со ситно сечкан магданос.
Карпезе салата
Италијанците знаат најдобро! Ова е совршена комбинација од моцарела, шери домати и дресинг со балсамико.
Салата со спанаќ, авокадо и грејпфрут
Оваа летна салата е идеална за вечера, заедно со чаша бело вино. Сè што треба да направите е да исечкате свеж спанаќ, авокадо на тенки парчиња и грејпфрут на коцки. Наместо да зачинувате, изрендајте моцарела или солено сирење.
Свежа салата со пченка
Потребна ви е сварена пченка, домат, пиперка, краставица и темен кромид. Витамините кои ги содржи оваа салата се идеални за освежувачки почеток на денот.
Салата од грејпфрут и зеленчук
Ако сакате да експериментирате со вкусовите, тоа можете да го направите со салата од марула, краставички и грејпфрут. Зачинете со омилениот зачин и консумирајте ја како витаминска ужина.
Салата со ананас
Подгответе си обична салата од марула, шери домати, краставици, авокадо и што и да ви дојде на памет. Но, на крај додадете неколку парчиња ананас кој претходно може да го потпечете. За поегзотичен вкус, измешајте лимон и сок од ананас.
Салата од моцарела, пиперки и аспарагус
Ситно исечкајте неколку парчиња моцарела, аспарагус гранчињата проварете ги неколку минути и ситно исечкајте една пиперка. Можете да прелиете со балсамико или лимонов сок.
Портокалова салата
Оваа салата се подготвува од тенки парчиња морков и цвекло и половина портокал. Идеална е за појадок, заедно со чаша зелен чај.