Подгответе: Сочна пита од тиква
Питите се омилено слатко или солено задоволство, најчесто подготвено од нашите мајки и баби. Мирисот на пита секогаш нè потсетува на дом, топлина, детство и семејство. Зависно од годишното доба и плодовите кои ги имате, може да подготвите вкусен фил.
Пред крајот на зимата во подрумот сигурно ви се наоѓа уште некоја тиква, која совршено ќе ја надополни вашата пита. Брз и лесен рецепт со кој ќе ги изненадите најблиските.
Потребни состојки за тесто:
- 2 шолји брашно (од кои 1-2 лажици пченкарно, а останатото сенаменско или мешано интегрално и сенаменско)
- 1 лажица шеќер
- 120 g путер, исечен на коцки
- 4-5 лажици ладна вода
Состојки за фил:
- ¾ шолја шеќер
- 1 лажиче мелен цимет
- ½ лажиче мелен ѓумбир
- ¼ лажиче мелено каранфилче или морско оревче
- 2 јајца
- 600 g пире од тиква
- ½ шолја оризово млеко во прав, нерастворено
Подготовка:
Измешајте ги брашното и шеќерот, па додајте ги коцките путер и мешајте со прсти или со блендер.
Додавајте по една лажица ладна вода и мешајте го тестото сè додека не успеете да ја споите смесата во топка тесто.
Ставете го тестото во фрижидер додека го подготвувате филот.
Тестото може да се направи и неколку дена однапред и да стои во фрижидер додека не ви притреба или да се замрзне.
За подготовка на филот, добро измешајте ги сите состојки во пластичен сад.
Развлечете го со сукало и ставете го на дното и на страните од тавче со пречник од 20-25 cm, премачкано со путер.
Истурете го филот врз тестото. Ставете ја питата да се пече на 250°C околу 15 минути, а за тоа време од остатоците од тестото може да направите украсни форми и да ги наредите врз филот.
Намалете ја температурата на 200°C и печете ја питата уште половина час или додека филот не се стврдне.
Послужете ја со кафе или чај.