Практични совети: Топ 20 кулинарски трикови!
Често кога учиме да готвиме го следиме само она што го знаеме според рецептите. Но, понекогаш искуството од некои други може да ни помогне за да дознаеме некои трикови кои никаде не ги пишува, а може да имаат големо значење за вкусот или изгледот на она што го подготвуваме.
Ова се оние мали тајни на големите готвачи:
1. Непријатниот мирис и вкус на млекото кое малку загорело може да се отстрани ако млекото веднаш се претури во друг сад и ако му се додаде малку сол.
2. Млекото нема да загори ако садот во кој треба да се вари претходно добро се измие со ладна вода, па потоа да се сипе млекото.
3. За да не ви преврие млекото потребно е пред варењето за секој литар млеко да додадете по 1 лажичка шеќер.
4. Јадењето може побрзо да ви се излади ако садот со јадењето се стави во друг поголем сад наполнет со вода и малку сол, која ќе го забрза процесот на ладење.
5. Премногу загреаната рерна може да се излади ако во неа се стави ладна вода која ја апсорбира непотребната топлина.
6. Ако го пресолите јадењето, додајте малку сода бикарбона која ќе ја апсорбира непотребната сол.
7. Месото од живина кое не е тазе ќе го омекнете ако во супата во која се обарува додадете лажичка алкохол, по можност ракија. Месото ќе стане меко, а мирисот на алкохолот брзо ќе испари и нема да се чувствува во супата.
8. Крлушките на рибата лесно и брзо се отстрануваат ако пред чистењето рибата се стави една минута во врела вода.
9. Ако загреаното масло многу прска додадете малку сол или суви зрна грашок.
10. Морковот не треба да го стругате со нож, туку да го измиете со врела вода и да го исушите.
11. Компирите нема да оксидираат и ќе ја задржат убавата белузлава боја, ако во водата каде што се варат додадете малку оцет.
12. За да не ви се распадне сувото овошје при варењето, потребно е пред да почнете, околу 2 часа, да го ставите да отстои во ладна вода.
13. За да не ви претекува водата во која ги варите јајцата, потребно е да ставите малку сол.
14. Белките побрзо и полесно ќе се претворат во шлаг, ако пред матењето ги ставите да постојат 20 минути на ладно место.
15. Сварените јајца полесно ќе се излупат ако непосредно по варењето во врела вода ги ставите во сад со ладна вода.
16. Конзервите со месо пред отворањето треба да ги ставите во ладна вода и да ги подгреете додека водата не зоврие, дури потоа да ги отворите и да ги послужите.
17. Супата никогаш не ја варете на најсилен оган, бидејќи така брзо ги губи сите хранливи состојки и квалитети.
18. Ако ви загори некоја манџа, обидете се веднаш да ја претурите во друго тенџере, но внимавајте да не претурите и од загорениот дел. Ако успеете, нема воопшто да се чувствува загорениот мирис.
19. За да ја иситните крупната сол потребно е да ја ставите во плех, добро да ја загреете, да ја распоредите на крпа и со помош на толчник да ја иситните.
20. Маслото во кое се пржи месото нема брзо да потемни ако во него додадете неколку зрна бел грав.