Tајните на совршеното турско кафе
Турското кафе е дефинитивно едно од омилените кај нас. Топло, јако и вкусно со мирис кој се шири и го исполнува целиот простор. Совршено за будење и расонување или за поголема концентрација.
Но, за разлика од инстант кафињата кои секогаш се со точен сооднос и ист начин на подготовка, а со тоа и идентичен вкус при секое пиење, турското е поспецифично.
За неговата подготовка постојат некои универзални правила кои треба да ги следите ако сакате секогаш да имате совршено приготвено турско кафе:
Најголемите непријатели на зрната кафе се влагата и воздухот. Штом кафето еднаш е изложено на овие фактори , ароматичното масло на кафето брзо се шири и исчезнува.
Кафето е најдобро да го чувате на темно и студено место. Ако не го потрошите во рок од 10 дена, тогаш слободно ставете го во фрижидер.
Најдобар начин за да препознаете добро кафе е според мирисот - слатка земјена арома е вистинската.
Во подготовката на кафето нема големи мистерии, основната постапка е секогаш иста –ставете кафе и шеќер и одозгора прелијте со врела вода. Така ќе ја извлечете аромата која го дава добриот вкус.
Основни правила кога подготвувате кафе:
Приборот мора да биде чист, користете свежа, ладна вода, соодветно измелени зрна кафе и внимавајте на времето додека се вари кафето. Подготвувајте го со вода на соодветна температура и послужете го веднаш по варењето.
Како да подготвите кафе во ѓезве
Во ѓезвето секогаш се крие некоја чудна мистичност и романтика. Можеби и најголемата тајна за вкусното турско кафе е токму во него. Важно е да биде бакарно и да го почекате кафето да се крене два до три пати за да го има автентичниот мирис и вкус.
Ова е рецептот за совршено турско кафе:
Во ѓезвето ставете 2 лажички добро смелено кафе и 1 лажичка шеќер. Прелијте со 120 мл вода, Важно е ѓезвето да не е полно повеќе од половина.
Додека ја додавате водата мешајте добро за да се стопи шеќерот. Откако ќе зоврие водата кафето варете го 2 минути, а кога ќе го тргнете од огнот оставете го да постои 20 секунди.
Постапката повторете ја 2-3 пати, а ан крај оставете го кафето околу 1 минута за да слегне.
На здравје!