На гости кај Ана: Спектакуларно празнично украсен стан од 150m2 во Скопје (фото)
- Детали
- сабота, 07 јануари 2023
„Благодарение на моите баба, мајка и тетка уште од најмали нозе сум научена дека семејството е на прво место, па затоа го обожавам празничниот период. За мене омилен дел е осмислувањето на концептот за китење (секоја година е различен), потоа купувањето на украсите и секако вклопувањето на истите во просторот“, споделува Ана Аргировска од Скопје за својот дом во Црниче.
Ана Аргировска (26), која работи во семејна фирма за трговија, со својот син Павел (3) живее во стан од 150m2 во скопската населба Црниче.
Периодов нејзиниот дом е вистинска празнична бајка со многу декорации и сијалички.
За уредувањето и китењето на домот, Ана открива за CRNOBELO.com:
„За мене домот претставува место каде што треба да се чувствуваме пријатно и исполнето во секој агол.
Во секој квадрат од него треба да има наш личен печат и домот треба да ги задоволува сите наши потреби и сите наши сетила.
Благодарение на моите баба, мајка и тетка уште од најмали нозе сум научена дека семејството е на прво место, па затоа го обожавам празничниот период.
Празниците секогаш за нас биле посебни, па се трудиме секогаш да креираме магична атмосфера каде што сите заедно ќе уживаме.
Мојата мајка е прекрасна жена со магични раце, посебно кога станува збор за убаво уреден дом и детали кои ни даваат пријатно чувство и идеален спој на традицијата, вистинските вредности и модерното време.
Оттаму и мојата желба на моето дете да му го овозможам истото и заедно да се радуваме и уживаме во новогодишните и божикните празници.