На гости кај Јана: Куќа во Тафталиџе од 400m2 со совршен надворешен простор (фото)
- Детали
- сабота, 18 септември 2021
„Во уредувањето гледавме да доминираат земјените бои, камен, дрво, зеленило - од кои очите никогаш не можат да се уморат, кујната ја нацртав сама на лист хартија, а задното дворче од домот ни е DIY проект на мојот сопруг и неговите другари“, раскажува 31-годишната Јана.
Јана (Себишки) Божиновска (31), магистер по економија, сликар, банкарски комерцијалист во НЛБ банка со сопругот, адвокат, живее во семејна куќа во населбата Тафталиџе, кај Млечен.
Куќата има вкупна површина од 400м2 и изградена е после земјотресот во Скопје, но е целосно реновирана.
За уредувањето на нејзиниот дом таа открива за CRNOBELO.com:
„Омилен дел ми е најпрво местоположбата на живеење.
Куќата се наоѓа во мирен крај, иако се дели од центарот на градот со еден блок.
Желбата за сосем нов дом каде што можеше буквално да се рушат ѕидови и да се направи по наш вкус беше голема.
За проектот ни помогна мојот татко кој по професија е архитект и ни даде многу корисни совети.
Уште од самиот почеток знаевме дека сакаме модерен стил на уредување. Најчесто инспирација црпевме од урбаните места и хотели.
Не можам да кажам дека имавме некој правец на уредување, затоа што јас сум по природа артист, а артистите не работат по правила. Гледавме само да се земјени бои, камен, дрво, зеленило, од кои очите никогаш не можат да се уморат.