На гости кај Соња: Шик и автентичен стан во Скопје со смела комбинација на црна боја и дабово дрво
Мои омилени детали во дневниот простор се челичната мрежа (која е застапена во пределот на кујната и зад телевизорот), винаријата, најудобната фотелја на свет што специфично за неа е дека 2 дела се со подвижен механизам за нишање (и која е окупирана од мене 90% од времето) и сликите кои се доста колоритни и дават живост во целата соба.
Декоративните аксесоари се исто така внимателно бирани подолго време (од патувања, подароци од најблиските) и исто ми будат посебни чувства додека ги гледам.
За спалната соба морам да признаам дека за креветот се инспирирав од Пинтерест, уште кога го забележавме знаевме дека е тоа што го сакаме.
Освен дрвото и металот за таму, одбрав зелен велвет, за поголем релаксирачки ефект. И покрај тоа што јас не преферирам ТВ во спална, сепак поради брачен компромис се согласив со желбата на сопругот, кој обожава да гледа филмови пред спиење.
И за крај моето лично катче, за кое отсекогаш сум имала потреба – соба гардеробер. За моите најблиски можеби тоа е мојот порок, но за мене моја животна пасија и уметност. Не се срамам да кажам дека обожавам да купувам и дека често знам да си се почестам парче гардероба, чанта или чевли.
Ги врзувам моите парчиња со убави спомени па така знам да искомбинирам парчиња од пред 10 години со нешто од последен тренд. Со оваа просторија успеав да направам сезонско складирање и добра организација на облеката и додатоците и уживам да го минувам времето во неа.
Во собата има голем плакар со 2 врати од темно стакло и 2 дрвени, тоалетна маса за шминкање и средување, големо огледало што е само потпрено на ѕид и фотелја и масичка.
Се вселивме пред неполн месец во станот така што некои од просториите не ни се сè уште уредени, но замислата и планот ги имаме.
Среќни сме што успеавме да го завршиме овој дел од станот што имате можност да го видите и да почнеме да градиме семејни спомени.“