На гости кај Весна и Славе: Стан во Скопје од 43m2 со модифицирани детали од IKEA (фото)
- Детали
- сабота, 12 декември 2020
„Целокупното уредување и одбирањето на декорацииите траеше долго, дури и со бебето во стомакот знаевме често да одиме во Солун во потрага по совршени декорации“, вели Весна од Скопје.
Весна е мајка и сопруга која посветува огромно внимание на деталите. Сака нејзиниот дом да зрачи со топлина, а секое ќоше да раскажува своја приказна.
Со своето семејство живее во одлично уреден стан од 43 m2 во Скопје.
За CRNOBELO таа открива од каде идејата за уредувањето:
„Дом. Топлина. Мирисот на храната од рерната, мирисот на колачињата со цимет, топлото чајче на терасата…
Смеата, разговорите, солзите, па дури и караниците го прават домот за секој од нас посебен, еден и единствен. Секое ќоше, секој детаљ е одбран со многу внимание, време и љубов.
Со сопругот постојано бевме во несогласувања… Тој сакаше модерен стил, а јас безвременски стил, кој и за 30 години нема да биде демоде, со неговата мешавина од модерна рустика.
Омилено ќоше дефинитивно ми е кујната. Поради огромната желба за готвење таму го поминувам поголемиот дел од денот и секогаш низ ум ми се вртат зборовите на мојата мајка дека кујната е срцето на домот.
Целокупното уредување и бирањето на декорацииите траеше долго, дури и со бебето во стомакот знаевме често да одиме во Солун во потрага по совршени декорации.
Совет за идните парови, па и оние кои си живеат сами е: сите оние парчиња мебел како што се гарнитурата, спалната да се во неутрални бои, во мојот случај крем бојата ми е незаменлива, за да може понатаму со многу детали да се прават промени.
Исто така, верувам дека и со детали од многу скромни продавнички би можел, секој ако е креативен да си го направи домот многу елегантен, убав и префинет, но се разбира мебелот како што е софа и спална да се одбере со подобар квалитет, бидејќи тие се наменети за многу подолг временски период.
Сликите во домот би било интересно дури и сами да си ги изработите, важно е заедно да оставите печат на нив, како јас што правам сè заедно со мојата ќерка Матеа.