Тераса од семејна куќа во Ново Село со поглед кон живописната клисура на Брегалница (фото)
- Детали
- сабота, 14 ноември 2020
И додека повеќето луѓе имаат поглед од тераса кон други згради или бетонско сивило, Мартин има неверојатен поглед кон клисурата на реката Брегалница.
Во семејната куќа на Мартин Стојанов (25) има две одлично уредени тераси со убаво одбрани детали, но тоа што воодушевува најмногу е погледот.
Погледот од нив е директно кон клисурата на реката Брегалница.
Тој е сопруг и татко на едно детенце, а работи како магационер, а неговиот дом се наоѓа во Ново Село, Штип.
За љубовта кон уредувањето за CRNOBELO вели:
„Уште како млад добивав инспирација од моите родители, кои се огромни љубители на цвеќињата. Уживам во уредувањето на домот, особено на надворешниот дел и деталите ги избирам заедно со другите членови на моето семејство“.
Поседуваме повеќе видови на цвеќе како пампас, пламен, папрат, лиандра, повеќе видови на молофи, дрво на животот, бенџамин, исто и разни видови на дрвца како борчиња на пример. Летниот период некои од цвеќињата бараат секојдневно наводнување и внимание додека во зима некои се внесуваат внатре.
Но, да напоменам имаме вложено многу труд и материјал во изгледот на дворот и на терасата, но сето тоа се состои од идеи кои не умее секој да ги реализира.
Убавината на дворот и терасата ги прави погледот кон клисурата, но и највисокиот рид во Штип. Но, уште поубав поглед има во зима кога ридот и клисурата се побелени и тоа претставува неодолив поглед во кој секој би уживал.
Сметам дека секој што е малку креативен и ќе посвети дел од своето време, енергија и труд може да си направи некое рајско катче за себе.
Многу ми е мило што постојано добиваме комплименти за уредувањето на дворот, па тоа нѐ инспирира да бидеме креативни и понатаму.“