Во домот на битолчанецот Сашо на Флорида: Куќа со базен, 5 спални соби и околу 400 растенија
Тој вели дека љубовта кон растенијата се родила во периодот додека живеел во Тексас, каде купил неколку цвеќиња за да го исполни просторот.
„Прво растение кое го купив беше монстера, која денес е 5 години стара и е навистина моја гордост. Има прекрасни големи листови и ги прави најубавите фенестрации.
За оние кои не знаат фенестрација се оние малку кругови отвори на листовите на монстерата, Колку е растението постаро, толку се листовите поголеми и фенестрациите се поубави.
Ете така започна мојата авантура со растенијата. Едно по едно до џунгла.
На почетокот правев многу грешки но и учев од тоа. Почнав доста да се интересирам, да читам за нега за грижа, за наводнување и сѐ што е поврзано за нив.
Полека, полека љубовта премнина во хоби и денес до опсесија.
Сметам дека до овој момент имам толку многу знаење за растенија и нивна грижа да можам да напишам книга или можеби прирачник“ – вели нашиот соговорник.
Тој вели дека е горд на сите негови растенија, затоа што вложува многу труд, љубов и внимание во нив, а тие му возвраќаат со својата раскош и убавина.
Но, сепак, омилени му се оние коишто се познати како тешки за одржување, а во неговиот дом успеваат и се бујни прекрасни.
Љубовта на Сашо кон растенијата е толку голема, што во куќата каде што денес живее има посебна просторија за растенија, која наликува на вистински мал рај.
„Кога поседувате толку многу растенија не е лесно. Јас имам растенија насекаде низ куќата, но грижата за нив станува потешка кога не се на едно место. Затоа, најдобро е доколку имате услови да ги имате на едно место во една соба.
Јас имам соба за растенија, затоа што условите во кои живеам тоа ми го овозможуваат. Тоа ги прави работите полесни за нивна грижа. Но, јас ги имам насекаде и не ми е тешко. Зошто ги сакам и уживам во нив.
Често нашите пријатели и познаници се изненадени кога ќе ја видат собата. Реакциите се секогаш различни. Потребна е доста работа и труд околу сето тоа.
Мене ми беа потребни неколку години да ги соберам сите овие растенија на едно место, а само неколку месеци од преселбата од стан во куќа.
Изгледот на мојата соба за растенија е плод на секојдневен, неколкучасовен труд и работа во период од два до три месеци. Од полици, од светла за растенија од позиција на самите растенија, лесен пристап, организација и што ли уште не. Но, кога нешто се прави со љубов не е тешко, нели?“ – вели тој.
Сашо ни појаснува дека за среќа неговите миленици не се многу заинтересирани за растенијата, но сепак внимава кои од нив се отровни или штетни за кучиња.
За оние, пак, што знае дека може да им наштетат на милениците, ги чува на повисоко место надвор, или подалеку од нивен пристап.