На гости кај Ивана во Скопје: Стан од 76m2 реновиран од корен, со розови детали и тераса како градина
- Детали
- сабота, 10 август 2024
„Омилен детаљ ми се фотографиите од Михаил Корубин кои со нивниот колорит даваат живост на дневната соба. Само што го направивме ѕидот, веднаш ги прикачивме - беа љубов на прв поглед и знаев дека одлично ќе се вклопат во ентериерот“, вели Ивана за својот нов дом во населбата Центар.
Ивана Илиева Таневски (29) е графички дизајнер од Скопје. Таа од неодамна, со сопругот и ќеркичката живее во стан во населбата Центар, кој е со површина од 76m2.
Просторот е уреден во минималистички, индустриски стил, со интересни детали и розови тонови, а е одраз на вкусот на Ивана и нејзиниот сопруг.
За да го добијат домот од соништата, им биле потребни околу година и пол од идејата до финалната реализација. Во овој период, тие целосно го реновирале просторот, рушеле ѕидови, а консултирале и архитект.
За CRNOBELO.com, Ивана раскажа за уредувањето на нивниот семеен дом:
„За разлика од претходниот стан кој беше во бохо стил, овој го уредувавме заедно со сопругот - идејата беше заедничка и едногласна тој да биде во минималистички индустриски стил.
Па, така, заедно одлучивме да преовладуваат нијансите на сива боја, а потоа изборот на гарнитура и фотелја додадоа елементи на розови тонови, тоа некако си дојде само по себе.
Потоа со изборот на декорации и елементи, го комплетиравме целиот изглед на нашиот дом.
Со планирање на станот започнавме скоро пред година и пол. Но, овој пат побаравме помош од архитект, бидејќи ова беше постоечки стан, кој ние сега целосно го реновиравме.
За овој стан желба ни беше да имаме остров со плотна и островски аспиратор, па затоа и побаравме помош од архитект за да видиме дали истото може да се изведе или не, дали ќе биде мал просторот и слично.
На крајот сè се вклопи совршено како што ние сакавме и замислувавме.
Затоа, сега можам да кажам дека тоа ми е еден од омилените делови на станот.
За целиот процес на реновирање ни беа потребни три месеци.
Во овој период од корен направивме измена на станот, со рушење ѕидови, менување плочки и санитарија, корекција на паркетот и фарбање...
Среќа, па скоро сè се одвиваше по планот иако секогаш излегува нешто. Но, овој пат релативно брзо се завршија сите градежни работи.
Станот во кој што живеевме претходно беше значително помал од овој.
А тука добивме детска соба, плус два тоалета, поголем простор за трчање (ќе разберат тие што имаат тодлери) и доста поголема тераса од онаа која ја имавме претходно, па имаме доста повеќе простор за сите нас.
Како љубител на цвеќиња, терасата си ја претворив во градина во која секој ден уживам во утринското кафе, бидејќи работам од дома и имам можност поголем дел од утрата да ги поминувам тука.