На гости кај семејството Папакоч во Љубаништа: Куќа од 100m2 со базен, мебел од бамбус и многу розови детали
- Детали
- сабота, 27 јули 2024
„Во минатото, ова ни беше летна резиденција, а сега е постојан дом на моите родители. Идејата за изградба на куќата е на татко ми, а уредувањето е направено по вкус на мајка ми. Нејзината замисла била куќата да биде удобна, пријатна и да плени со својата убавина“, вели Натали Папакоч за куќата во охридско Љубаништа.
Битолчанката Натали Папакоч Илиевска живее во Скопје, но поголемиот дел од летото го поминува во семејната куќа во с. Љубаништа, охридско.
Она што пред 3 децении нејзините родители го изградиле како викендичка, денес е семеен дом, во кој тие го наоѓаат мирот од градскиот метеж.
Оваа семејна куќа на битолското семејство Папакоч е сместена помеѓу прекрасната Галичица и манастирскиот комплекс Св. Наум во Љубаништа.
За нејзиното уредување, Натали раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
„Куќата со фасада од рачно изделкан камен е со површина од 100m2 и е дополнета со други објекти, меѓу кои и голем базен, декоративна чешма од камен во дворот, летна кујна и слично.
Таа нуди прекрасен простор за живеење. Мајка ми често вели дека уште пред 30 години, со татко ми знаеле дека во иднина (односно денес), таа ќе биде поатрактивна за живеење за нив, и навистина е така.
Во минатото оваа куќа беше нашата летна резиденција, викендичка во која доаѓавме повремено, а денес е постојан дом за живеење на моите родители, откако Скопје (каде што се преселивме од Битола пред повеќе од 30 години), стана многу динамично место за повозрасните.
Овде го добиваат мирот кој големите градови не можат да им го обезбедат, а и ние сме тука скоро секој викенд за да се опуштиме и да поминеме повеќе време со нив.
Идејата за изградба на оваа куќа е на татко ми, а уредувањето е направено по вкус на мајка ми.
Нејзината замисла била куќата да биде удобна, пријатна и да плени со својата убавина.
Позитивната енергија доаѓа од сите детали, а на кои мајка ми внимавала многу.
Па така, спалните соби се на кат, отворени како галерија.
Мебелот во голема мера е од бамбус и дрво, во дневната соба има тркалезна маса од стакло, уметнички слики, икони на ѕидовите.
Вазните се полни со свежо цвеќе скоро во секој дел од годината, а мајка ми внимава и шолјите за кафе секогаш да се исти (или во ист стил) со чиниите во кои служи колачи, на пример.
Токму тоа и ми се омилените работи во куќата, бројните детали поставени насекаде низ домот.
Сметам дека тие нудат посебна топлина на просторот, оној личен печат што е важен за секој дом да дише со енергијата и стилот на луѓето кои живеат таму.
Можеби е необично, но сите дома им се восхитуваме на овие ситници.