Во домот на Марија и Никола во Скопје: Стан во скандинавски стил со рачно изработени елементи и мурал во детската соба
Мене лично ми се допаѓаат домови со смирувачки дизајн и без неред, па зборот „едноставен“ можеби и најдобро го опишува стилот на ентериерот во овој стан.
Претпоставувам нешто слично на скандинавски стил, со чисти линии и неутрални бои, но со личен допир.
Го одбрав токму него бидејќи се чувствувам релаксирано кога немам премногу работи околу мене што можат да ми ја 'украдат' енергијата.
Направивме комбинација од класични елементи и помодерен мебел и додадовме неколку природни материјали.
Со оглед на тоа дека немам многу храброст да експериментирам, кога ќе почувствувам потреба да додадам живост со некоја боја, тоа обично го правам со помали предмети како цвеќиња, вазни или текстил.
Според мене, домот треба да е место каде што можеме да се чувствуваме удобно и да бидеме свои, а ова е особено важно за мојот сопруг, бидејќи работи од дома и тука го поминува најголемиот дел од денот.
Всушност, тој е и најголемиот виновник за остварување на мојата замисла, заедно со неговиот татко.
Кујната, спалната и детската соба, како и ТВ-комодата, па и елементите во ходникот и бањите, во целост се создадени од нив лично, без никаква помош отстрана.
Ова можеби ни беше и најголемиот предизвик, бидејќи работата одеше побавно, но се помиривме, знаејќи дека и со мајстори нè чека истото.
Големо внимание привлекува и муралот на ѕидот во детската соба, за кој ја ангажирав Лидија, која ја најдов на Инстаграм.
За ѕидот отспротива се погрижив да го нацртам сама, бидејќи потребни беа уште неколку едноставни детали, па ми беше забавно да учествувам.
Инспирација црпев најмногу од социјалните мрежи, главно Инстаграм и Пинтерест, но и од домовите кои ги посетував.