Во домот на Марија и Никола во Скопје: Стан во скандинавски стил со рачно изработени елементи и мурал во детската соба
- Детали
- сабота, 03 февруари 2024
„Кујната, спалната и детската соба, како и ТВ-комодата, па и елементите во ходникот и бањите, целосно ги изработија мојот сопруг и свекор, без никаква помош. Ова можеби ни беше и најголемиот предизвик, бидејќи работата одеше побавно, но се помиривме со тоа“, вели Марија, која со семејството живее во стан со поглед кон Железничката станица во Скопје.
Марија (36) и Никола Димитров (38) со своите две ќерки живеат во населбата Аеродром, во стан од 76m2.
Во домот се релативно кратко, малку повеќе од една година, но тоа е пријатно катче, полно со хармонија, во кое ужива целото семејство и каде што ги поминуваат најубавите заеднички моменти.
Станот е комбинација од класични и модерни елементи, а Марија за CRNOBELO.com вели дека е едноставен, во стилот на скандинавските домови, со чисти линии и неутрални бои.
„Сметам дека домот со својот декор може многу да открие за начинот на кој живееме, слично како што облеката која ја носиме говори за нашата личност.
Со сопругот сме дипломирани економисти, но тој се пренасочи во ИТ индустријата, а јас продолжив со маркетингот.
Кога не сме на работа, времето најмногу сакаме да го поминуваме со нашите ќерки Калина (8) и Лена (4) и во сала за вежбање.
Нашиот стан од 76m2 се наоѓа во скопски Аеродром, многу блиску до местото каде што го поминав детството.
Во него живееме нешто повеќе од една година и речиси сè што ни е потребно е лесно достапно, а има и преубав поглед кон железничката станица.
Ова беше пресудно да се одлучиме за него, бидејќи не сакавме да постои можност во иднина да се изгради зграда која би ни го попречила овој поглед.